Во соработка со град Скопје, ќе се организира превоз со возила на ЈСП и со други возила за лицата кои имаат дозволи и одат на работа во време на забрана за движење. Ова пред се важи за вработените во здравствени установи и во Клиничкиот центар, кои не можат сами да се организираат додека трае полицискиот час, соопшти министерот Дамјан Манчевски, во сесијата прашања и одговори на тема „Ограничено движење“.
Манчевски рече дека ќе биде објавена точна маршрута по која ќе се движат возилата што ќе ги користат вработените со дозволи за движење, а турите ќе завршуваат пред здравствените установи. Организиран превоз ќе има и во други градови и притоа ќе покриваат што поголема територија.
Во однос на такси-превозот, Манчевски рече дека во Скопје се организирани дежурни такси-возила кои може да превезуваат граѓани од нивниот дом до некоја здравствена установа во време на полициски час ако имаат потреба, и оние граѓани кои имаат дозвола за движење.
„Огранизиран е одреден број такси-возила за кои секојдневно град Скопе ги доставува информациите до МВР, така што знаеме кои возила се на терен и возат. Граѓаните може да се јават на редовните броеви за такси, тоа сè уште функционира“,
додаде Манчевски.