Ова вчера го соопшти портпаролот на Белата куќа, наведувајќи, меѓу останатото, дека Вашингтон ги испитува извештаите за напади со беспилотни летала врз Москва, но дека не поддржува напади во Руската Федерација
Соединетите Американски Држави (САД) не поддржуваат напади внатре во Руската Федерација.

Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV
Ова вчера го соопшти портпаролот на Белата куќа, наведувајќи, меѓу останатото, дека Вашингтон ги испитува извештаите за напади со беспилотни летала врз Москва – напади за кои Русија ја обвини Украина.
Во соопштението на официјален Вашингтон се наведува дека САД се фокусирани на помагање на Украина во поглед на враќање на својата територија, но дека не поддржуваат напади во Русија.
„Ги видовме вестите и сè уште собираме информации за тоа што се случи. Генерално, не поддржуваме напади внатре во Русија“,
рече портпаролот на Белата куќа во соопштението.
Градската администрација на Москва вчера информира дека во напад на беспилотни летала, во градот се оштетени неколку згради, а повредени се неколкумина. Во нападот, како што соопштија руските власти, биле користени осум беспилотни летала, а наводно сите биле соборени од руските сили.
Руското Министерство за одбрана го оквалификува нападот за терористички акт, а за него ја обвини Украина.
Украина, пак, негираше каква било вмешаност во нападот на Москва.
Освен Москва, и Киев вчера информира за беспилотен напад на неговата територија, за кого го обвини – непријателот.