Министерот за економија им порача на граѓаните дека независно каков ќе биде утврдениот модел, поскапување на електричната енергија од 1 јули нема да има
Од 1 јули до крајот на годината граѓаните нема да плаќаат поскапа струја, уверува министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој вели дека со министерот за финансии, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и другите членови од Енергетскиот совет во рамките на Владата наредниот месец ќе разговараат за новиот модел за пресметување на цената на електричната енергија, но, им порача на граѓаните дека независно каков ќе биде утврдениот модел, поскапување на електричната енергија нема да има.
„Можам уште од денеска да им соопштам на граѓаните дека нема да плаќаат поскапа струја од 1 јули до крајот на годината. Кој ќе биде моделот, тоа заеднички ќе го дефинираме во склоп на Енергетскиот совет“,
рече Бектеши.
Во однос на најавите дека ДДВ-то за електричната енергија од 1 јули ќе биде зголемено од 10 на 18 отсто, Бектеши денеска рече дека и да се случи тоа, сметките на граѓаните нема да се зголемат.
„Владата има механизми со кои може да им излезе во пресрет на граѓаните и ако зборуваме само за тие осум отсто, јас гарантирам дека тие осум отсто ќе бидат намалени во други параметри на утврдување на цената, но тоа не значи дека само осум отсто ќе се намали, може да биде и повеќе“,
рече Бектеши.
Јавно кажувам, рече Бектеши, дека граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки за електрична енергија од тоа претходно, туку ќе биде спротивното, ќе плаќаат помалку.
Бектеши вели дека во Регулаторната комисија за енергетика веќе се направени анализи и дека откако тие ќе бидат разгледани од членовите на Владата, јавноста ќе биде информирана.
Минатата недела, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави враќање на евтината дневна тарифа на струја од 1 јули, но и можно зголемување на ДДВ-то за електрична енергија од 10 на 18 отсто.
Тендерот за цената која треба да ја понуди ЕСМ, во следните денови треба да го објави „ЕВН хоум“. По добиените понуди, Регулаторната ќе определи колку ќе чини киловат-час струја за домаќинствата.