Градоначалникот на Чаир и член на Централното претседателство на ДУИ, кој е дел од „огнените“, вели дека Османи и Груби се тие што го прекршиле партискиот статут и ги обвинува дека заедно со другите министри спроведуваат партиска анархија
Градоначалникот на Чаир и член на Централното претседателство на ДУИ, Висар Ганиу, вели дека партискиот портпарол и министер за надворешни работи Бујар Османи е тој што го крши статутот и му порачува да се информира од лидерот Али Ахмети за соработките и коалициите на локално ниво, за да се знае што се случува во партијата.
Ганиу е еден од фракционерите во ДУИ кои се дел од т.н. „огнена група“, а прозивките ги упатува откако Османи во петокот во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека „огнените“ го прекршиле статутот и им порача дека тоа носи одговорност.

„Бујар Османи, човек кој потекнува од Чаир и Скопје, треба да биде тој што треба со душа да им помогне на своите жители, бидејќи е дел од највисоката хиерархија на извршната власт, но се чини дека не му е ни гајле за народот, но му е гајле како од позиција на прекршител на статутот, каков што е самиот, да упатува обвинувања за кршење на статутот кон други. И еве оттука го информирам Бујар Османи, кој е портпарол на ДУИ, и кој треба да ги знае сите партиски прашања, а изгледа или не ги знае или не е заинтересиран да ги знае, дека секоја коалиција или соработка и за секој детал од тие коалиции и соработки што ги правевме на локално ниво, било во изборниот период или по изборите, го консултиравме и го информиравме лидерот на партијата Али Ахмети за сè и сè што направивме, го направивме со неговиот амин. Би било добро Бујар, да го прашаш лидерот, оти си портпарол и штета е да не знаеш што се случува во партијата“,
вели Ганиу во видеопорака што „огнените“ ја испратија до медиумите.
Во емисијата, Османи на прашање на „360 степени“ за какви прекршувања направени од „огнените“ мисли, одговори дека ги има во голем број наведувајќи ја и соработката со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која тврди дека е направена без согласност од партијата.

„И тоа е големо прекршување коешто не се дозволува во ниту една политичка партија, па дури и организација од кој било тип, меѓутоа заради тоа што Ахмети е човек што обединува и никогаш лесно не донел одлуки за оддалечување на луѓе, не носеше одлука за одговорност кон тие што го прекршиле статутот, луѓе што јавно го негираат или, пак, ги критикуваат стратешките програмски определби на партијата: премиер Албанец, зелена агенда, останати прашања што партијата со унанимност ги има донесено како стратешки одлуки, потоа јавно ги критикуваат“,
рече Османи.
Ганиу, пак, тврди дека соработката имала „амин“ и од Ахмети.
„За соработката со Градот Скопје што ти ја спомна во емисијата ’360 степени‘ на ТВ Алсат, се разговараше и во централното претседателство на ДУИ и на оваа тема потпретседателот Изет Меџити и организацискиот секретар Блерим Беџети дадоа појаснувања и ваквата соработка ја потврди и претседателот Али Ахмети. И многу добро те разбирам зошто токму сега отвораш ваква тема, затоа што сакаш твоите прекршувања да им ги префрлиш на другите“,
вели Ганиу.
Во видеопораката градоначалникот на Чаир наведува дека портпаролот и министер за надворешни работи отвора вакви теми во јавноста бидејќи токму Османи, заедно со Артан Груби, го прекршиле статутот бидејќи тајно влегле во Централното претседателство на ДУИ, односно без да поминат никаков партиски филтер, без да бидат членови на месни комитети и ограноци и без избор од структурите во партијата.
„Бујар, прекршување на статутот е кога го газиш народот со двете нозе за лични интереси, прекршување на статутот е кога надвор од статутот некого избркаш затоа што го прекршил статутот. Не е прекршување на статутот кога правиш нешто за доброто на народот, кога ја развиваш благосостојбата на тој народ и кога сè што правиш, го правиш во координација со лидерот на партијата. Статутот го прекршуваш и денеска Бујар кога обвинуваш за кршење на статутот додека работиме за нашиот народ, за тие што нè избрале. Народот многу очекува од вас, а не да ја играте улогата на адвокат, дали бил прекршен или не партискиот статут“,
вели Ганиу понатаму во пораката.
На крајот од видеообраќањето, тој обвинува дека тоа што го прави Османи заедно со другите министри од ДУИ, е партиска анархија.
