Се злоупотребува европското знаменце за да се сокрие таен договор во кој има висока корупција и многу издатоци од државниот буџет, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ за договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Тој смета дека власта ја загрозува европската перспектива на земјата и затоа, според него, не е време само за лидерска средба, туку и за избори.
„Издатоците од државниот буџет власта веројатно ќе ги дели со некого, Ковачевски и Груби, а државниот буџет не се употребува за реалните проблеми на пензионерите, студентите, граѓаните, на помалите општини, да се помогне таму каде што има реални потреби. Затоа сметаме дека е време не само за лидерска средба, туку и за лидерски став на сите политички партии, да одиме на избори, граѓаните да одберат луѓе кои ќе можат Македонија да ја однесат во подобра насока, да ги решаваат проблемите коишто ги создаваат Артан Груби и Димитар Ковачевски“,
кажа Милошоски во општина Василево, во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите“.
Собранието вчера изгласа измени и дополнувања на пет закони поврзани со изградбата на автопатските делници. Следниот потег го има претседателот Стево Пендаровски кој треба да одлучи дали ќе ги потпише указите на законите.
Од кабинетот на Претседателот велат дека во следните денови шефот на државата со својот правен тим ќе ги разгледа законските измени и потоа ќе донесе одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани.
