Петте измени на закони кои се поврзани со изградбата на коридорите, а кои беа усвоени на вчерашната пленарна седница на Собранието, уште вчера попладне стигнале во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Во следните денови, како што информираат оттаму, законите ќе бидат разгледани од страна на претседателот и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани
Претседателот на државата ќе го каже својот финален збор во однос на законските решенија неопходни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д, врз основа на анализата што тој и неговиот правен тим ќе ја направат за законите кои Собранието веќе ги усвои.

Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања во врска со усвоентие законски измени поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои за понатамошно разгледување сега треба да се најдат пред шефот на државата Стево Пендаровски.
„Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседателот на Собранието, тие се посебни власти во државата. Јас лично, зборувајќи во мое име, сметам дека се работи за закони коишто се потребни заради изградба и тоа не само на овој проект, бидејќи ако ги погледне законите – се работи за усогласување на нашето законодавство за побрзо, поевтино и поефикасно проектирање и изведба на инфраструктурни проекти во патната, железничката, гасната и електричната инфраструктура во државата“,
рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на Клиничкиот центар во Скопје.
Петте измени на закони што се поврзани со изградбата на коридорите, а кои беа усвоени на вчерашната пленарна седница на Собранието, уште вчера попладне стигнале во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Во следните денови, како што информираат оттаму, законите ќе бидат разгледани од страна на претседателот и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани.
Пендаровски на почетокот на месецов изјави дека не го видел договорот што државава го има склучено со „Бехтел и Енка“ во изворна форма и дека ќе ја почека собраниската дебата во врска со, сега веќе увоените законски измени, а потоа ќе се произнесе во врска со нив и ќе одлучи дали да ги потпише указите за нивно усвојување.
Тој ова го изјави на 3 мај – два дена пред Владата да ги усвои дополнувањата на петте закони поврзани со изградбата на коридорите, кои ги означи со европско знаменце, откако претходно опозициските пратеници ги блокираа законските измени што до Собранието ги предложи група пратеници од власта.
Кон средината на април, Пендаровски во интервју за ТВ Сител изјави дека предлог-измените на Законот за работни односи, кои предвидуваат зголемување на работната недела за работниците ангажирани за проекти од национален и стратешки интерес, се неуставни. Нагласи дека Уставниот суд веќе еднаш се изјаснил оти работната недела подолга од 40 часа, освен по одредени исклучоци, е неуставна.
Неколку дена подоцна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика претседателот да не ги потпишува законите поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“, на што Пендаровски одговори оти при потпишување на укази за закони не прима совети од никого, особено не, како што рече, од политички партии.
