Кога бев на мостот, добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток. Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски, вели градежниот инженер Вукан Њагул за МИА
Обемот на оштетувања од пожарот мостот „Беласица“ е многу поголем отколку што претпоставувал врз основа на достапните фотографии, вели проектантот на мостот, градежниот инженер Вукан Њагуљ во изјава за МИА.

Тој во организација на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени изминатите два дена престојуваше во Скопје за да изврши увид во состојбата на мостот.
„Иако мојот увид беше визуелен, тој ми ги отвори очите дека обемот на оштетувања е многу поголем отколку што претпоставував врз основа на достапните фотографии. Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не беа видливи на фотографиите онолку колку што навистина се“,
вели инженерот.
Според него оштетувањата бараат многу посериозен пристап и посочува дека се потребни детални испитувања и пресметки.
„Кога бев на мостот добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток. Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. Го слушав интервјуто на професорот (Горан) Марковски кој рече дека во Македонија не располагате со опрема за сето она што треба да се испита. Но како и да е, тоа мора да се направи и дури тогаш може да се даде проценка за моменталната состојба на мостот“,
вели Њагуљ.
Инженерот посочува дека не станува збор за обични оштетувања како што се корозија или пукнатини, туку за сосема друг тип на оштетување и затоа се потребни прецизни податоци за квалитетот на материјалите на мостот.
„Секоја проценка сега, без тие податоци е просто невозможна. И не само тоа, туку мора да се направат и пресметки врз основа на кои ќе се види состојбата на конструкцијата. Секако, во тие пресметки треба да се влезе со што е можно попрецизни претпоставки за квалитетот на материјалите кои треба да произлезат од испитувањата што мора претходно да се направат. Дури потоа може да се каже – сега треба да се продолжи со ова или со она“,
наведува Њагуљ.
Според неговите проценки постои можност дека се оштетени продолжните кабли на главните носачи на мостот.
„Не оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата“,
објаснува Њагуљ.
По пожарот мостот е затворен за сообраќај, а во врска со ова прашање, градежниот инженер вели дека има решение, но, додава, оти тоа е тешко изводливо. Негово лично мислење е дека можеби може да се дозволи некој вид контролиран пешачки сообраќај, но и тоа носи со себе одреден ризик.
„Мое лично мислење е дека некој вид на контролиран пешачки сообраќај можеби може да се дозволи. Но, врз основа на моето искуство при вакви слични случаи, сметам дека дозволувањето на некаков редуциран патнички сообраќај со себе носи одреден ризик. На крај да заклучам. Според мене мора да се направат сите потребни истражувања и пресметки пред да се донесе било каква одлука. Мостот може да има и доволна сигурност според некои критериуми, но тоа може да биде тема за дискусија дури откако ќе се направат испитувањата“,
вели Њагуљ.
Пожарот на мостот што ја поврзува Железничката станица со крстосницата кај трговскиот центар „Ист гејт“ избувна околу полноќ, меѓу 11 и 12 мај, а на дваесеттемина пожарникари кои интервенираа со осум цистерни им беа потребни четири часа за да го совладаат огнот.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов во сторија на „360 степени“ изјави дека систе индиции укажуваат дека пожарот започнал во просторија под мостот, а огнот потоа ја зафатил изолацијата на цевките низ кои поминува топла вода од блиската топлана.
Експертскиот тим што излегол на терен констатирал дека состојбата е комплицирана и дека бара многу повеќе истражување од еден увид.
Град Скопје, во чија надлежност е „Беласица“, пратил официјално барање до Градежниот факултет за да започнат проверки.
„Се бара да извршиме вештачење и проценка на настанатата штета. Проектната документација ја немаме, колегите во Градот ја пронашле оригиналната проектна документација, што е одлично. Во вакви случаи секој податок, ама буквално секој, може да има исклучително големо значење за процесите да бидат поквалитетни, побрзи и во крајна линија, порационални“,
вели Горан Марковски – декан на Градежниот факултет во сторијата на „360 степени“.
Од друга страна, скопската градоначалничка Данела Арсовска на 20 мај изјави дека според првичните информации оштетувањата на мостот „Беласица“, се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот, без притоа да наведе извор на кој ги темели ваквите тврдења.