Не е само договорот што го разгледуваме туку и начинот на избор на надзорот, лиценците што ги има надзорот, фирмите што се ангажирани, свој коментар ќе дадеме и за законите, а особено внимание ќе посветиме и за земјиштето што ќе се експроприра, вели Ивановска
Претседателката на ДКСК вели дека даваат сѐ од себе за да може да постигнат нешто плус и да го завршат колку што може најбрзо, но не посочува конкретен рок

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) минатата недела го доби договорт со „Бехтел и Енка“, но тој не бил целосен, односно во него недоставувале прилозите. Договорот што им бил доставен има околу 200 страни и во него се предвидени сите обврски на државата.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска вели дека нема сознанија дали во тие прилози има нешто што е дополнителна обврска за државата.
„Ако дојдеме до заклучок дека во тие прилози покрај некои менаџерски специфичности што се однесуваат за фирмата, постои нешто друго, ќе ги побараме и нив“,
рече Ивановска во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител.
Ивановска најавува дека посебно внимание ќе посветат на оние делови од договорот со „Бехтел и Енка“ кои создаваат финансиски обврски за државата.
„Посебно внимание ќе посветиме на оние членови кои создаваат финансиски обврски на нашата држава, бидејќи тоа е она што ги засега граѓаните, што ќе добиеме ние од тој договор“,
додаде Ивановска.
Ивановска не сакаше да одговори во кој дел би постапувала Антикорупциска, но најави дека за тоа ќе соопштат наскоро.
„Сега не сакам да вадам делови, тоа ќе го кажеме во јавност. Не е само договорот што го разгледуваме туку и начинот на избор на надзорот, лиценците што ги има надзорот, фирмите што се ангажирани, свој коментар ќе дадеме и за законите“,
рече Ивановска.
Таа, исто така, најави дека особено внимание ќе посветат и за земјиштето што ќе се експроприра затоа што сметаат дека е многу важно кога е купено тоа земјиште.
„Има бројни ситуации кога луѓето кажуваат каде ќе помине трасата и се лиферуваат таквите информации за некој да го купи тоа земјиште по едно евро или, пак, по колку и да е, а потоа да добие од државата експропријација. Конкретно за овој случај немаме вакви пријави, но претходното искуство од други стуации не учи дека е можно е тука да постои таков ризик и затоа и тоа ќе го провериме“,
рече таа.
Во однос на временската рамка што ќе им биде потребна, Ивановска не посочи конкретен рок.
„Малку е неблагодарно да кажам колку време ќе ни биде потребно затоа што следната недела заминувам во Брисел на скринингот, а потоа повторно сум на пат. Во моментов само јас го гледам договорот затоа што само јас имам безбедносен сертификат. Имаат и други колеги, но само двајца членови од Комисијата се вклучени за овој договор. На колешката, која исто така има безбедносен сертификат и е истечен и чека тој да биде продолжен. Како државни ревизори имаме такви сертификати со државна тајна, но важат по 5 години“,
рече Ивановска.
Таа додаде дека овој предмет на сите им тежи, но, како што рече, на нив најмногу затоа што тие треба да кажат што прочитале.
„Навистина даваме сѐ од себе за да можеме нешто да постигнеме плус. Колку што можеме најбрзо ќе го завршиме“,
истакна Ивановска.
Доколку утврдат дека постоела некаква злоупотреба или дека ќе има негативни реперкусии кон државата, следниот чекор, како што посочи, би бил иницијатива до Јавното Обвинителство.
„И таму е предметот отворен. Во меѓувреме се видов со јавниот обвинител и се договоривме дека би било добро да видиме кој до каде е и да ги стегнеме силите заеднички за ја истераме целата работа“,
рече таа.
Интересот што овој договор го има кај јавноста, како што рече Ивановска, е причина што нема да се повлечат.
„Во други ситуации кога Јавното обвинителство има отворено предмет ДКСК се повлекува, но овој договор толку многу го подигна интересот во јавноста што сакаме да излеземе со свој извештај“,
рече Ивановска.
На прашањето какво е нивното искуство со досегашните иницијативи кои ги имаат доставено до Јавното обвинителство и дали се постапува по нив, Ивановска рече дека досега ниту еден од тие предмети не е стигнат до суд. Тоа значи, рече Ивановска, дека нема поднесено јавнообвинителска одлука, а зошто е тоа така најдобро знаат самите тие.
„Во купот предмети има некои што се однесуваат на високи функционери, за висок јавен интерес, како тој за зградите кај ‘Холидеј ин’“,
рече Ивановска.