Американските разузнавачки агенции, како што наведува весникот, не знаат која единица го извршила нападот и оти не е јасно дали претседателот на Украина, Володимир Зеленски, или неговите највисоки функционери биле запознаени со операцијата. Сепак, како што се наведува, најверојатно станува збор за една од серијата тајни акции против руски цели кои предизвикале вознемиреност во Белата куќа
Американските разузнавачки служби веруваат дека Украина стои зад нападот со беспилотно летало врз Кремљ, кој Русија го оцени како обид за атентат врз Владимир Путин, и покрај тоа што рускиот претседател во тоа време не бил во објектот, објави „Њујорк тајмс“.

Повикувајќи се на официјални американски претставници, весникот пишува дека нападот со дрон врз Кремљ на почетокот на месецов бил организиран од една од специјалните воени или разузнавачки единици на Украина.
Станува збор за една од серијата тајни акции против руски цели кои ја вознемириле администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Американските разузнавачки агенции, како што наведува весникот, не знаат која единица го извршила нападот и оти не е јасно дали претседателот на Украина, Володимир Зеленски, или неговите највисоки функционери биле запознаени со операцијата.
„Американските власти велат дека нивото на увереност дека украинската влада директно го одобрила нападот со беспилотно летало на Кремљ е ниско, но тоа е затоа што разузнавачките агенции сè уште немаат конкретни докази кои можат да идентификуваат кои владини претставници, украински единици или оперативци биле вклучени. Нападот се чини дека е дел од серијата операции што предизвикаа непријатност кај функционерите во САД – кои се најголемиот снабдувач на Украина со воена опрема. Администрацијата на Бајден е загрижена поради ризикот од можноста Русија да ги обвини американските официјални лица и да возврати со проширување на војната надвор од Украина. Американските шпионски агенции гледаат нова слика на лабава соработка на украински единици способни да спроведуваат ограничени операции внатре и надвор од Русија, или со користење на сопствен персонал или партнери кои работат под нивно раководство. Некои од овие мисии можеле да се спроведат со мал или воопшто без надзор од Зеленски“,
пишува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на официјални американски претставници.
Русија на 3 мај објави дека соборила две беспилотни летала кои го нападнале Кремљ во Москва и ја обвини Украина дека се обидела да го убие рускиот претседател Владимир Путин.
Од друга страна, Киев ги негираше обвинувањата дека стои зад нападот.
„Не ги нападнавме Путин или Москва“,
изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски говорејќи пред новинарите за време на посетата на финската престолнина Хелсинки.
Киев и понатаму останува на истите тврдења во врска со нападот.
Висок советник на украинскиот претседател денеска изјави дека Украина нема никаква врска со „чудниот и бесмислен“ напад со беспилотно летало врз Кремљ, потценувајќи ги наодите на американските медиуми.
Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател, во изјавата за Ројтерс вели дека Русија се обидува да ги намали испораките на оружје за Киев играјќи со западните стравови од можна ескалација на војната поради наводните украински напади на руска територија.