Ме загрижува дека дел од раководството на СДСМ заедно со ДУИ, наместо како што го нарекоа европски фронт, формираа антимакедонски фронт. И тоа ме загрижува бидејќи тоа е една појава на уништување на сопствениот народ, за да може да биде задржана сопствената позиција уште некој месец повеќе, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Според Мицкоски, загрижувачки се информациите дека не се зборува само за внесување на она минимално бугарско малцинство во Преамбулата на македонскиот Устав, туку се зборува и за целосно редефинирање на Македонија како држава

Цело ВМРО-ДПМНЕ е на бродот кон Европската Унија и таму ќе остане, е одговорот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски по изјавите на премиерот Димитар Ковачевски дека најголемата опозициска партија треба да одлучи дали цела или во делови ќе му се приклучи на европскиот блок.
Мицкоски денеска изрази загриженост поради тоа што дел од СДСМ, кое, како што рече, самото се нарекува раководство, се здружило со ДУИ и формирале антимакедонски фронт, а не европски како што го нарекуваат, што претставува една појава за уништување на сопствениот народ со цел останување уште неколку месеци на власт.
„Мене ме загрижува дека дел од раководството на СДСМ заедно со ДУИ формираа, наместо како што оние го нарекоа европски фронт, формираа антимакедонски фронт. И тоа ме загрижува, бидејќи тоа е една појава на уништување на сопствениот народ, за да може да биде задржана сопствената позиција уште некој месец повеќе и таа пракса која што денеска ја гледаме и која што се случува во Македонија ќе остави, навистина, сериозни последици за кои што потоа ќе ни требаат години да ги рехабилитираме“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешна посета на Кавадарци.
Мицкоски упати порака до Ковачевски да не си игра со трпението на македонскиот народ и да престане да го уништува македонскиот идентитет за власт, затоа што, како што рече, сето ова за брзо време ќе заврши и во Македонија ќе има техничка влада.
„Јас сакам да му порачам на Ковачевски да не си игра со трпението на македонскиот народ, да престане да го уништува македонскиот идентитет за да може тој и малкумина, повторно ќе кажам не цело СДСМ, малкумина кои што се нарекуваат себеси за раководство на СДСМ за да ги задржат своите позиции, да распродаваат од македонскиот национален идентитет. Затоа што сето ова ќе заврши, за неколку месеци од денеска имаме техничка Влада, ќе имаме и претседателски и парламентарни избори. Еве во најлош случај ако немаме предвремени парламентарни избори, за неколку месеци од денеска, завршува ова. Прашањето е, каква трага ќе остави зад себе и каков однос ќе има, откако ќе се шета низ македонските улици и сокаци, овој човек имајќи предвид што се му направи на македонскиот идентитет, на македонскиот народ за ова кратко време откако беше назначен за претседател на владата“,
додаде Мицкоски.
Затоа, рече Мицкоски, го предупредувам Ковачевски, барем овие неколку месеци кои што му преостанаа да биде премиер, достоинствено да ги помине без да прави дополнителна штета на македонскиот идентитет и да се приклучи на македонскиот фронт и на фронтот кој што вистински нуди европска перспектива за Македонија и за македонските граѓани.
Според Мицкоски загрижувачки се информациите дека не се зборува само за внесување на она минимално бугарско малцинство во Преамбулата на македонскиот Устав, туку се зборува и за целосно редефинирање на Македонија како држава.
„До мене стигнуваат информации дека се зборува и за целосно редефинирање на Македонија како држава, да биде бинационална држава во која ќе постојат два народи, неколку етнички заедници кои сега се дел од народ во рамки на Преамбулата на македонскиот Устав и сето останато кое ќе биде над одреден процент поврзан со минатогодишниот т.н. попис да бидат малцинство“,
рече Мицкоски.
Мицкоски и денеска, како и на синоќешната трибината на партијата која под слоганот „Ова е Македонија за сите“ се одржа во Струмица, посочи дека тоа се разговара на комисијата за уставни измени и им фали уште, како што рече, да ги исцртаат границите и Македонија формално да биде федерална држава.
„Да внимава Ковачевски што ветува, ние знаеме неговата концесија кон главниот играч во владата, а тоа е ДУИ, е голема, таа e финансиска, знаеме дека добива одредени финансиски надомест за ова да го прави, но за сето тоа ќе се зборува после изборите, бидејќи сето ова се само информации. Затоа е многу важно да остане достоинствен, месеци се во прашање и да не прави дополнителна штета на македонскиот идентитет“,
рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека нејасно е зошто се формира комисија за уставни измени бидејќи прво треба во парламентот да се усвои потребата за отворање на Устав, а доколку тоа не се случи не се знае, како што додаде, која би била улогата на оваа комисија и на овие скапо платени експерти зошто ќе земаат месечни хонорари.
Мицкоски истакна дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, покрај што ќе има задача да ја развие Македонија онака како што прилега, ќе треба да поврати и голем дел од македонскиот идентитет кој оваа влада на ДУИ и СДСМ го продаде.
Премиерот Димитар Ковачевски, на неколку последни јавни настапи, го повикува ВМРО-ДПМНЕ да собере капацитет и како целина да се приклучи кон проевропскиот блок.