Едното од изгубените лица утринава во 6:58 часот воспоставило контакт со член на својата фамилија и известилo дека сите тројца со мотоциклите се заглавени во кал, дека ноќта ја поминале на планината Плачковица и дека се во добра здравствена состојба

Потрагата по тројцата мотоциклисти, кои вчера биле пријавени дека се изгубени на планината Плачковица, е успешно завршена.
Од Центарот за управување со кризи-Штип велат дека едното од изгубените лица утринава во 6:58 часот воспоставило контакт со член на својата фамилија и известило дека сите тројца со мотоциклите се заглавени во кал, дека ноќта ја поминале на планината Плачковица и дека се во добра здравствена состојба.
Вчера во ЦУК-Штип, преку единствениот повикувачки број за итни случаи, добиле информација за изгубени лица на планината Плачковица. Тројцата мотоциклисти биле со поголема група кои се упатиле од хотелот „Бел камен“ – Радовиш кон село Зрновци. Последен контакт со нив бил околу 19 часот, при што кажале дека се заглавени во кал на неодредена локација.
„Во потрагата беа вклучени 15-16 лица со мотори кои биле во нивната група, едно полициско возило од Полициската станица (ПС ) Штип на правецот Туртел – одмаралиште Универзитет ‘Гоце Делчев’, едно полициско возило од село Зрновци кон Плачковица, околу 20-25 луѓе од поблиската фамилија на исчезнатите лица. Истовремено било контактирано со Доброволна планинска спасувачка служба ‘Осогово’ од Кочани, кои се организираат да тргнат во пребарување. Биле известени и дежурните од Дирекцијата за заштита и спасување – Скопје за преземање мерки во нивна надлежност“,
се вели во соопштението од ЦУК.
Потрагата по изгубените мотоциклисти продолжила и утринава во 5 часот, кога четири лица и едно теренско возило на Планинарската служба „Осогово“ излегле на терен и пребарувале на релација Видовиште – Латал – Бел Камен.