Тоа што кажува дека нема да си поднесе оставка доколку не поминат уставните измени покажува дека тој е само еден уплашен човек, кој бега од соочување со народот по секоја цена, велат од опозициската партија
Димитар Ковачевски веднаш, уште денес да ги достави предлог за уставни измени во Собранието на Македонија, за да се соочи со фактот дека нема двотретинско мнозинство, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ по денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски во која тој ја прозва опозициската партија дека многу брзо ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, му порачуваат дека ќе треба да си поднесе ако не успее во уставните измени.
„И кога нема да поминат овие уставни измени, кукавицата Димитар Ковачевски да си поднесе неотповиклива оставка. Тоа што кажува дека нема да си поднесе оставка доколку не поминат уставните измени покажува дека тој е само еден уплашен човек, кој бега од соочување со народот по секоја цена. Ковачевски единствено мисли само како да помине ден повеќе на удобната фотелја, а со тоа и да украде некој денар повеќе и да намести некој тендер, дали за него и неговото семејство, дали за неговиот шеф Ахмети. Лажниот патриот на батерии коишто глуми кавга со Радев прави само уште еден очаен маневар се со цел да спаси нешто од неговиот уништен рејтинг“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот, пак, денеска кажа дека не размислува да си поднесе оставка ако не успеат уставните измени до ноември годинава бидејќи, како што рече, тие не се обврска само на владата туку на секој политички чинител што е за европска иднина.
„Не размислувам бидејќи Владата има свои ингеренции во однос на управување со државата, а обврска за уставни измени е двотретинско мнозинство – тоа е обврска не само на Владата туку на сите политички и општествени чинители во државата, тоа е обврска на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните бидејќи нашите граѓани сакаат и заслужуваат европска иднина“,
рече Ковачевски.