Ковачевски пред сопартијците рекол дека од САД добил недвосмислена и силна поддршка за европскиот пат на Македонија. Централниот одбор на СДСМ, пак, како што рече портпаролката, ја цени оваа поддршка и затоа смета дека земјава има историска шанса за напредок во процесот на членство во ЕУ

Време е за глас за Европа во македонското Собрание за продолжување на европскиот пат. Со ваква порака излегоа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по завршување на вечерашната седница на Централниот одбор (ЦО) на партијата.
На состанокот биле донесени серија заклучоци, кои се однесуваат на продолжување на евроинтеграцискиот процес на земјава за што, пак, е потребно двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени со кои Бугарите ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.

Меѓу нив се дека СДСМ ќе направи сè што е до него за напредокот на земјава кон ЕУ, а дадени се и задолженија за партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски да ги спроведе неопходните разговори и да ги преземе сите чекори потребни за европскиот пат на земјата. Еден од заклучоците, кои ги презентираше портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, е и повик до политичките партии на обединување за европската иднина и за глас во Собранието.
Вечерашната седница на ЦО на СДСМ дојде по престојот на премиерот Димитар Ковачевски во САД каде оствари средба и со државниот секретар Ентони Блинкен кој ја истакнал поддршката за евроинтеграциите на Северна Македонија. Средбата со Блинкен, но и останатите, тој пред сопартијците ги оценил како успешни и плодни.

„Од САД добивме недвосмислена и силна поддршка за европскиот пат на Македонија. Тоа е наш национален интерес поставен уште од независноста, но во актуелниот момент тоа значи трајно обезбедување европска и регионална стабилност. Како што имавме и за НАТО. САД се покрај нас од самиот почеток и таа помош не доаѓаше само декларативно туку беше целосна помош, многу финансии, многу средства инвестирани во реформи во многу области во земјата, од судски реформи, безбедносни реформи, во економијата, полицијата итн. Се до денеска кога гледаме еден вид промовирање на Македонија како своевиден пример на земја којашто може да послужи за другите земји во регионот. Што ние и го докажавме“,
рекол Ковачевски на седницата.
Целнтралниот одбор на партијата, пак, рече портпаролката на СДСМ, ја цени поддршката од САД и затоа смета дека ова е историска шанса за напредок во процесот на членство во ЕУ.

„Во оваа насока ЦО на СДСМ смета дека поддршката за продолжување на европскиот пат е историска шанса и треба да се искористи сега. Затоа што немаме време за губење и затоа што не знаеме дали и кога ќе ја добиеме повторно. Никако не смееме да дозволиме забавување или застанување на патот кон ЕУ. Особено во услови кога се спроведуваат реформите, скрининг процесот тече одлично и наскоро ќе финишира успешно, а преговорите со ЕУ се со обезбеден и зачуван македонски идентитет, јазик и култура.“,
рече Кузеска.
По вечерашната седница на партиското раководство на СДСМ, утре Ковачевски во Клубот на пратеници ќе има средба и лидерите на партиите дел од владината коалиција.
Заклучоците кои ги донел СДСМ, а кои ги презентираше портпаролката вечерва интегрално гласат:
- „Како одговорна и државотворна партија, сè што е до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе биде направено за да продолжи напредокот кон Европската Унија;
- Во оваа насока Централниот одбор го задолжи претседателот на партијата да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат; Членовите на раководството, пратеничката група, избраните и именувани носители на јавни функции од СДСМ се на располагање и по потреба ќе бидат вклучени во процесот;
- Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски ќе ги информира сите политички партнери од владината коалиција за посетата на САД, искажаната поддршка за земјава и реформите за продолжување на европскиот пат;
- Започнатиот процес на неопходни реформи, измени, мерки и активности СДСМ ќе ги спроведе во интерес на граѓаните и државата, заедно со своите коалициски партнери;
- СДСМ ги повикува сите политички и општествени чинители во македонското општество на обединување околу европската иднина и продолжување на европскиот пат;
- Заедно да обезбедиме глас за Европа во македонското Собрание. Тоа ќе биде глас на мнозинството за македонска европска иднина“.