Од Сојузот на средношколци велат дека четири нивни предлог-мерки за подобрување на состојбата со менталното здравје на средношколците се прифатени од Министерството за образование и наука и се преточени во деветтата и десеттата препорака

Десетте препораки за училиштата, директорите, општините, меѓуопштинските центри за социјална работа, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, кои вчера Министерството за образование и наука ги издаде, а чија цел е да се превенира меѓуврсничкото насилство, денеска се поздравени од Сојузот на средношколци.
Од Сојузот на средношколци велат дека четири нивни предлог-мерки за подобрување на состојбата со менталното здравје на средношколците се прифатени од Министерството за образование и наука и се преточени во деветтата и десеттата препорака.
„Станува збор за укажувањето на секое училиште да обезбеди просторни услови за стручните соработници со цел да бидат отворени за ученици и, доколку имаат потреба, учениците да можат да закажат и тет-а-тет средба со својот училиштен психолог“,
велат од Сојузот на средношколци.
МОН заедно со стручните соработници од основните и средните училишта, претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат ќе формира работна група која ќе креира протоколи за соодветна работа при обезбедување поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците.
Барањето на Сојузот на средношколци училишните психолози да остваруваат средби со учениците наместо да бидат административци, исто така, е дел од протоколите на Владата.
„Создавањето протокол за дефинирање на новиот модел на работа на училишните психолози, односно тие да остваруваат тет-а-тет средби со учениците наместо да вршат административна работа е заложба на Сојузот на средношколци уште од мај 2021 година. Оттука, Сојузот позитивно реагира на одлуката за отпочнување процес оваа наша визија да стане реалност“,
се додава во соопштението од Сојузот.
Оттаму ја поддржуваат и препораката на Владата за создавање на општински совети за превенција на детско претстапништво преку локалните самоуправи и Државниот совет за превенција на детско претстапништво.
„Во препораката јасно е наведено дека е потребно вклучување на Сојузот на средношколци во овие совети. Ние нотираме дека дел од општините тоа веќе го имаат направено, а имаат и вклучено претставници од Сојузот за членови во овие тела“,
наведуваат од Сојузот на средношколци.