Лидерот на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, кој воедно е и директор на Центарот за управување со кризи, посочи дека постои можност неговата партија да излезе од владината коалиција, откако Владата ги одбила измените на Законот за бранители.
Тој кажа дека се крајно разочарани и револтирани од пратениците на СДСМ кои пред неколку дена гласале против предлог-законот за дополнување на Законот за бранители.
„СДСМ имаше можност да ја исправи оваа голема неправда која ја нанесе на македонските бранители од 2001 преку носење на владина одлука. Затоа, денеска повторно ќе побараме Владата да ја реализира иницијативата на Достоинство поднесена во декември 2022 година и да донесе Одлука за праведно обесштетување на петнаесетина семејства на загинати бранители како и триесетина воени инвалиди од 2001 година“,
рече Ангелов.
Доколку иницијативата биде отфрлена, Ангелов вели дека сериозно ќе размислат за напуштање на Владата.
