Речиси година и половина просторот околу поранешен „Технометал-Вардар“, кој се наоѓа во строгиот центар на главниот град, беше преплавен од ѓубре и смет и изгледаше на вистинска депонија во срцето на метрополата, а по пишувањата на медиумите, надлежните институции конечно се одважија и им наложија на сопствениците да го исчистат просторот.
Објектот е во сопственост на „Буши фашион“ кој неколкупати досега бил казнуван од страна на Општина Центар. Општината му наложила и тој самостојно да ја расчисти депонијата и секојдневно да ја одржува хигиената. Решението за расчистување од секторот за инспекциски работи на Општина Центар е издаден уште во февруари, а сопственикот започнал со чистење денеска. Решението, како што велат од Центар, е издадено поради спречување на создавање еколошка катастрофа предизвикана од секојдневно собирање купишта отпад создаден од кршење на инвентарот и екстериерот на бетонската зграда.
Минатата година во овој објект избувна и пожар, а жителите од околните згради честопати пријавувале и кражби.
