За истото дело беа обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова-Цветковска, членови на комисијата за јавни набавки, кои заедно со поранешната министерка за култура беа ослободени од обвинението

Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска е ослободена од обвинение за предметот познат во јавноста како „Тендери“ бидејќи, според Судот, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото.
За истото дело беа обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова-Цветковска, членови на комисијата за јавни набавки, кои заедно со поранешната министерка за култура беа ослободени од обвинението.
Канческа-Милевска, која беше првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“, заедно со обвинетите Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на Комисијата за јавни набавки, се ослободени од вина бидејќи не е докажано оти ја фаворизирала фирмата „Бетон“ од Штип да го гради Музејот.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Процесот го водеше судијата Осман Шабани, а обвинението го застапуваше јавниот обвинител Стевчо Дончев.
Канческа-Милевска на рочиштето кога се изнесуваа завршните зборови изјави дека врз основа на целокупниот доказен материјал се докажало дека не го сторила кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување и затоа рече дека очекува ослободителна пресуда во случајот „Тендери“.
Овој судски процес трае повеќе од пет години. Воведните зборови на странките беа дадени на 13 март 2018 година.