Партијата во соопштението ги наведе сите финансиски импликации од блокирањето на повеќе закони во Собранието, кои, според партијата, ќе ја чинат државава над 500 милиони евра. Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја нарече антиевропска и анти-НАТО
Коалициската блокада на сите закони и постапки од страна на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Собранието е антиевропска, анти-НАТО и антиамериканска, обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Според ДУИ, овие две партии намерно блокираат над 500 милиони евра, кои, како што велат од партијата, се наменети за проекти во интерес на граѓаните од страна на европските финансиски институции.
„Финансиските импликации од блокирањето на законот за ДДВ се 40 милиони евра, за законот за данок на добивка се 20 милиони евра, за данокот на солидарност 80 милиони евра, како и блокирањето на финансиските закони за задолжувања, 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за развојни кредити за стопанството со поволни услови и други 100 милиони од ЕБРД за ЕСМ, над 150 милиони евра за коридорите 8 и 10-д. Од даночните закони зависат и уште вкупно 260 милиони евра од ЕУ и ММФ, а дополнително уште стотици милиони евра за железницата на Коридорот 8“,
се наведува во соопштението на владејачката партија.
Дополнително, ДУИ додава оти опозициската ВМРО-ДПМНЕ активно работела против Преспанскиот договор и членството на земјава во НАТО, а не дала поддршка ниту за Договорот за добрососедство и Охридскиот договор.
„Сите досегашни тврдења на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Левица се потврдија како лажни! Заложништвото на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица заврши“,
велат од ДУИ.
ДУИ во соопштението додава дека нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја чинат државата над 150 милиони евра поскапа изградба на коридорите 8 и 10-д, а оти таа ќе работи на нивна поевтина и побрза изградба.
Инаку, петте предлог-закони кои се поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, а кои се со европско знаменце, вчера го поминаа првиот собраниски филтер.
Пратениците на пленарна седница ја усвоија потребата од усвојување на овие закони, по што Комисијата за европски прашања, како матично тело, бидејќи измените се предложени со европско знаменце, уште вчеравечер закажа седница за нивно разгледување и усвојување.
На комисиската седница беше усвоен само дневниот ред, а расправата по првата точка е закажана за денеска.
Пред да биде изгласан дневниот ред, процедурално за збор се јавија координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, и неговата заменичка Ели Панова, кои реагираа оти во случајот се прават сериозни прекршувања на Деловникот на Собранието и дека измените на законите што се предложени немаат никаква врска со европското законодавство, ниту се работи за усогласување со него.
Поради ваквите постапки, предупредија дека ќе има одговорност.