Ирскиот министер ја охрабрува С Македонија да ги заврши успешно уставните измени што претстојат, за непречено чекорење кон полноправно членство во Европската Унија
Заменик-претседателот на владата и министер за надворешни работи и одбрана на Ирска, Михол Мартин, по средбата со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи го сподели искуството што неговата земја го имала со уставните измени како услов за влез во Европската Унија, а во контекст на предизвикот поврзан со измени на Уставот пред кој исто така е исправена С Македонија на својот пат кон ЕУ.

Ирскиот министер ја охрабрува С Македонија да ги заврши успешно уставните измени што претстојат, за непречено чекорење кон полноправно членство во Европската Унија.
“Од перспектива на ирската влада и ирскиот народ, на референдумот гласавме да се откажеме од нашите територијални претензии во Северна Ирска како дел од компромисот што сите требаше да го направат за да се постигне мир во Ирска. Мило ми е што можам да кажам дека успеавме. Имавме 25 години мир и за помладите генерации сега е нешто што треба да се научи во историските книги во однос на конфликтот, бидејќи нивната реалност е реалноста на мирот и подобриот квалитет на живот“,
истакна Мартин, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи на С Македонија.
Шефот на ирската дипломатија воедно се заблагодари за професионалното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, имајќи ги предвид тешките околности во кои се наоѓа светот.
По работната посета на Соединетите Американски Држави, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска престојува во Ирска.
Во своето обраќање пред пратениците во Комитетот за односи со Европската Унија на ирскиот парламент, Османи рече дека е потребно на Северна Македонија да ѝ се даде шанса да се приближи кон Европската Унија преку конкретни краткорочни мерки, за време на процесот на пристапување, што, за возврат, ќе ја зголеми довербата на граѓаните во извесноста од крајната цел, полноправно членство во ЕУ.