Земјава ќе продолжи и понатаму да чекори сигурно, обезбедувајќи ја иднината на своите граѓани и напредокот на земјата, преку спроведување на реформската агенда, но, токму заради тоа, треба да вбризгаме поголема кредибилност на процесот подразбирајќи повеќе интеграција пред членството, рече шефот на дипломатијата во обраќањето пред ирските пратеници во Комитетот за односи со Европската Унија на ирскиот парламент
Потребно е на Северна Македонија да ѝ се даде шанса да се приближи кон Европската Унија преку конкретни краткорочни мерки, за време на процесот на пристапување, што, за возврат ќе ја зголеми довербата на граѓаните во извесноста од крајната цел – полноправно членство во ЕУ.
Ова е дел од обраќањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи пред ирските пратеници во Комитетот за односи со Европската Унија на ирскиот парламент. Тој ги информираше за евроинтегративен процес на земјава, но и за предизвиците кои претстојат на патот кон членство во Унијата до 2030 година
„Северна Македонија никогаш не одела по пократкиот пат во однос на исполнувањето на критериумите за влез во ЕУ и ќе продолжи и понатаму да чекори сигурно, обезбедувајќи ја иднината на своите граѓани и напредокот на земјата, преку спроведување на реформската агенда, но, токму заради тоа, треба да вбризгаме поголема кредибилност на процесот подразбирајќи повеќе интеграција пред членството“,
рече Османи.
Тој додаде оти земјава ја докажала својата посветеност за членството во ЕУ со своите визионерски политики кои во изминатите 30 години ги спроведувала внатре, но и надвор од нејзините граници, градејќи мултиетничка демократија, како и мирно решавање на билатералните спорови, добрососедство и регионална соработка.
По работната посета во Соединетите Американски Држави, шефот на дипломатија Бујар Османи денеска престојува во Ирска.