Пратениците од помалите политички партии велат дека треба да има една изборна единица, без изборен праг, за граѓаните да имаат можност да изберат за кого ќе гласаат
СДСМ е за една изборна единица, но и за дебата која ќе треба да утврди дали се потребни изборни листи и праг, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека има поддршка за забелешките од ОБСЕ и ОДИХР, а од ДУИ велат дека нема да се противат на воведување една изборна единица, но ако прагот биде пет отсто

Пратениците од ЛДП, Демократски сојуз, ДОМ, Левица, Демократската партија на Турците, ВМРО – Народна партија, кои се предлагачи на предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик, велат дека треба да има една изборна единица, без изборен праг, бидејќи на овој начин ќе се демократизира земјата, но и ќе се зајакне одговорноста на носителите на јавни функции.
„Сметаме дека на овој начин парламентот ќе биде реален. Според анкетите, околу 70 отсто од граѓаните се за една изборна единица и повеќето сметаат дека на тој начин ќе имаат можност за избор за кого ќе гласаат. Вака со шест изборни единици, со системските предности што ги имаат четирите партии, две од власта, две од опозицијата, нема еднакви шанси за политичките партии за да постигнат, условно кажано, изборен резултат. Затоа предлагаме Македонија да биде една изборна единица“,
рече Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, еден од предлагачите на ова законско решение, кој посочи дека овој концепт нема ниту етничка ниту каква било друга димензија, а секој глас ќе тежи исто.
Според Трајанов, во оваа фаза многу е тешко да се направат сите промени. Клучното е сега да има една изборна единица, а сите други елементи може да се усогласуваат преку амандманите.
За предлогот на ДУИ за една изборна единица со праг од пет отсто, Трајанов рече дека ниту ДУИ ниту која било од албанските партии самостојно ќе го достигнат овој праг.
Претседателката на ДОМ и пратеник, Маја Морачанин, истакна дека и тие се за една изборна единица без праг, отворени листи и 50 отсто на жените на листите. Морачанин услови дека ДОМ ќе ја напушти Владата ако до јуни претседателот на Собранието, Талат Џафери, не ги стави на пленарна седница измените на изборниот модел.
Според пратеничката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, ако има потреба за изборен праг, тоа да не биде изборен праг со кој се лицитира од пет отсто. Според неа, тоа во старт би било погубно за помалите партии.
„Но и може исто да се разговара за промена на математичката формула на пресметување на гласовите, односно наместо Донтовиот количник, да се воведе пропорционална формула, која најсоодветна мислиме дека би била Харе-квотата, но за сето тоа треба да разговараат и работните групи или да се отвори дискусија тука по предлог-законот со цел во таа амандманска расправа да може да ги коментираме сите овие работи“,
рече Зајкова.
Бејџан Илјас, пратеник на Демократската партија на Турците на Македонија, смета дека овој закон е добра подлога и дека моменталната ситуација не го одразува етничкиот состав на општеството во Собранието.
И пратеникот на ВМРО – Народна партија, Љупчо Балковски, рече дека се согласни за една изборна единица и посочи дека новиот изборен модел ќе придонесе за поголема демократизација. Ги повика поголемите политички партии да гласаат за законското решение.
Од владејачкиот СДСМ денеска рекоа дека ги поддржуваат измените на Изборниот законик.
„Ние од СДСМ бевме првата политичка партија која во својата програма уште во 2016 година внесе предлог за една изборна единица. Ги поддржуваме законските измени кои се во делот на препораките од ОБСЕ и ОДИХР“,
рече денеска пратеникот Миле Талевски одговарајќи на новинарско прашање.

Во делот на прагот, на отворените листи и со оглед на тоа дека Изборниот законик секогаш се носел со консензус, Талевски рече дека апелираат преку дебата и дијалог во работната група да се утврдат потребата од отворени листи и потребата од праг.
„Битно е да се дискутира и заеднички како политички партии да го предложиме Изборниот законик и да го изгласаме тука во Собранието“,
рече Талевски.
Арбер Адеми од ДУИ рече дека тие во работната група ќе предложат една изборна единица, со пет отсто праг и со отворени листи.
„Се надевам дека одредени политички партии кои најавуваат дека ќе поддржат таков предлог, тоа и ќе го направат во рамки на работната група и во Собрание и нема да бидат против отворените листи“,
рече Адеми на денешната прес конференција во Собранието и додаде дека прагот од пет отсто е за да се одржи политичка стабилност.
Никола Мицески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека континуиран став на партијата е да не се мешаат во внатрекоалициските комбинаторики на владејачките партии и конфликтите што постојат меѓу нив.
„Ги повикуваме ДУИ и нивниот подизведувач Социјалдемократскиот сојуз да се произнесат по ова прашање затоа што очигледно играта на добар и лош полицаец продолжува од овие две партии“,
рече Мицески на денешната прес конференција во Собранието.
Тој додаде дека претставници на ВМРО-ДПМНЕ имале средба со помалите политички партии и разговарале на оваа тема и дека се со поддршка на една изборна единица, но откако ќе се договорат другите работи.
„Има поддршка за забелешките од ОБСЕ и ОДИХР, тие ќе бидат поддржани од наша страна, а за другото очекуваме големите коалициски партии да го кажат својот став по однос на една изборна единица, а потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со конечен став“,
додаде Мицески.