Договорот и севкупната електронска документација ќе бидат анализирани, а бидејќи станува збор за обемна документација на јавниот обвинител и на тимот истражители ќе им биде потребно време, велат од Обвинителството
Иако претходно премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција соопшти дека Владата на седница донела одлука по сопствена иницијатива да го достави договорот со „Бехтел и Енка“ до Јавното обвинителството, тој, како што може да се заклучи од денешното соопштение, стигнал во ОЈО ГОКК на барање на Обвинителството
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) вчера го доставило договорот со „Бехтел и Енка“ до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти денеска Јавното обвинителство.

„Во текот на вчерашниот ден (4.5.2023 година) ЈПДП, постапувајќи по барањето на јавниот обвинител од ОЈО ГОКК, го достави договорот за изведба и надзор над изградбата на коридорите 8 и 10-д. Претходно, ЈПДП до обвинителството ги достави броевите на огласите од јавните набавки поврзани со коридорите 8 и 10-д, за кои јавниот обвинител обезбеди пристап до електронската база на податоци на Бирото за јавни набавки“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Оттаму велат дека договорот и содржината на севкупната електронска документација од Електронскиот систем за јавни набавки поврзани со сите постапки за јавни набавки каде како предмет на договор се јавуваат коридорите 8 и 10-д, ќе бидат анализирани во насока на утврдување на елементи на евентуално сторено кривично дело.
„Со оглед дека станува збор за обемна документација на јавниот обвинител и тимот на истражители ќе им биде потребно време за анализа и проверка на сите индиции и наводи што месеци наназад се во интерес на јавноста. За секое постапување што нема да ја попречи постапката и ќе може да се сподели со јавноста, обвинителството навреме ќе информира“,
велат од Обвинителството.
Иако, претходно премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција соопшти дека Владата на седница донела одлука по сопствена иницијатива да го достави договорот со „Бехтел и Енка“ до Јавното обвинителството, тој, како што може да се заклучи од денешното соопштение, стигнал во ОЈО ГОКК на барање на Обвинителството.
Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој е избрана за стратегиски партнер за реализација на проектот за изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, беше потпишан во Владата на 8 март во Владата, а изградбата на делниците ќе чини 1,3 милион евра.
Што точно е напишано во договорот и на какви услови се обврзале Владата од една и конзорциумот од друга страна, јавноста не можеше да добие на увид, затоа што договорот е таен и не беше објавен во јавноста.
Договорот и натаму ја бранува јавноста, а контроверзните поврзани со него одат и во насока дека Владата склучила договор со американски „Бехтел“ и турска „Енка“ врз основа на непостоечки законски одредби.
Постојани напади во врска со договорот до Владата доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде обвинуваат дека властите презеле обврски штетни за државата, меѓу кои и онаа за зголемување на работната недела од 40 на 60 работни часа за работниците кои ќе ги градат автопатите и дека ако 45 по попишувањето на договорот не бидат донесени измените на Законот за работни односи, државата ќе треба да му исплати пенали на американско-турскиот конзорциум. Од партијата во неколку наврати објавија делови од договорот за кои рекоа дека го поседуваат целост и дека го добиле од свиркачи. Од опозицијата обвинија за криминал и корупција во целиот случај и ги повикаа надлежните институции да отворат постапки за договорот.
Претходно од ОЈО ГОКК информираа дека по допрен глас отвориле постапка за Изборот на надзорот на изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10-д,
Изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ изминатиот период исто така беше една од темите во фокусот на јавноста.
Конзорциумот кој победи на тендерот за надзор е предводен од италијанската „ИРД инженеринг“, а во него сè уште три компании: шпанската „Ептиса“ и двете домашни фирми „Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“.
Договорот за надзор со овој конзорциум, Владата го потпиша на 2 февруари годинава.