Претседателот на работната група, Александар Новаковски, вели дека е оптимист за тоа како ќе тече работата бидејќи членови се луѓе кои имаат искуство и долги години работат на оваа материја. Тој се надева дека ќе успеат да се направат измените и ќе се запази рокот тие да се случат најмалку шест месеци пред следните избори
Министерот за правда Кренар Лога на прашање дали е можен консензус за една изборна единица, рече дека засега моделот не е приоритет. За ВМРО-ДПМНЕ, која повика власта прво да излезе со предлог за една изборна единица, па потоа ќе се вклучи во финализирање на предлог-законот, Лога рече дека ќе се земат предвид нејзините ставови, но упати уште еден повик партијата да номинира свој претставник во работната група

Работната група што ја формира Министерството за правда за реформи на изборното законодавство денеска ја одржа конститутивната седница. Нејзина прва задача ќе биде да се имплементираат препораките и забелешките од ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и да се изготви комплетно нов Изборен законик.
Адвокатот Александар Новаковски, кој како експерт и поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК) е претседател на работната група, е оптимист дека ќе успеат да се запазат роковите – законски измени да има шест месеци пред да се одржат изборите.

„Денеска мислам дека договоривме одредени работи кои се клучни за успех на работата на оваа комисија, а тоа е да почнеме со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и потоа ќе се работи на новиот изборен законик. Во однос на учеството јас сум оптимист во начинот на работа бидејќи гледам дека претставници во работната група се лица кои се од оваа област и долго време работата на оваа материја. Се надевам дека ќе излеземе со предлог и ќе успееме да ги запазиме роковите кои се утврдени со некои европски стандарди – овие измени да бидат имплементирани во еден период од шест месеци пред изборите“,
рече Новаковски по состанокот.

Дел од оваа работна група не е најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму вчера порачаа власта прво да излезе со предлог за една изборна единица и тие потоа ќе се вклучат во финализирање на законското решение. Во однос на имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, пак, порачаа дека ќе ги поддржат.
Истото денеска го констатира и министерот за правда Кренар Лога, кој уште еднаш повика опозициската партија, сепак, да номинира свој претставник да се вклучи во работната група, наместо да ја се заморува јавноста со преписки преку медиумите. Во однос на тоа дали ќе биде една изборна единица или друг модел, Лога вели дека тоа засега не е приоритет, но во изготвувањето на законското решение ќе се земат превид ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаме консензус за оваа работна група да ги инкорпорираме сите препораки и забелешки од ОБСЕ/ОДИХР. Моделот не ни е приоритет, останува да имаме пречистен текст на овој Изборен законик, а исто така да се внесат сите овие забелешки. Ова е прва задача на работната група, а втора ќе е изготвување на нов Изборен законик. За првиот дел од ВМРО-ДПМНЕ го имаат кажано нивниот став дека ќе ги гласаат сите овие измени на Изборниот законик. За вториот дел, работната група ќе ги земе предвид сите нивни ставови, а истовремено јас ги повикувам уште еднаш да бидат дел од работната група, да не ја мачиме јавноста со овие работи преку медиумите туку сите што сакаат да дадат придонес, ги повикуваме да се дел од работната група и дел од успешната приказна и конечно да имаме нов Изборен законик“,
рече Лога.
Една изборна единица наместо постојните шест е приоритет за помалите политички партии, а досега оваа идеја ја поддржуваше и СДСМ, но немаше согласност од партиите од албанскиот блок.
Во работната група што треба да излезе со предлог за нов изборен модел, свои претставници имаат и помали и поголеми партии од власта и опозицијата. Според информациите кои Министерството за правда ги соопшти при формирање на групата, од владејачките партии свои членови имаат: СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Од опозицијата, пак, претставници имаат: Беса, Алтернатива, Левица и Демократскиот сојуз.
Во работната група учествуваат и три министерства: МВР, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
Застапени се и Државната изборна комисија (ДИК) и Управниот суд, како и неколку други државни институции: Управата за водење матични книги (УВМК), Државниот завод за статистика (ДЗС) и Централниот регистар.
Исто така, свои членови имаат и МОСТ, Цивил, Полио плус, Националниот демократски институт, како и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).