Пролеаната крв за слобода не може да се врати и не смее да се заборави. Ќе го имам тоа предвид вечерва, вели српскиот претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ во пресрет на денешниот состанок со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел порача дека тоа ќе биде тешка средба бидејќи против Србија се сите.
„Ќе биде тешко. Против нас се сите големи сили од Западот. Сепак, на нашата страна се правото и правдата. Уште повеќе и поважно од тоа, тие не разбираат колку е силна љубовта кон слободата и колку силно и цврсто може да ја чувате и покрај сите притисоци. Да живее Србија“,
порача Вучиќ во објава на Инстаграм.
Тој го обвини косовскиот премиер дека „брутално и валкано“ води кампања против Србија и дека во неа се вклучени сите.
„Ѝ се закануваат на Србија, потсетуваат на некои стари денови, зборуваат за својата борба за слобода заборавајќи дека Србите се бореа за слобода не само против терористите туку и против НАТО-агресорите. Пролеаната крв не се враќа. Пролеаната крв за слобода не може да се врати и не смее да се заборави. Ќе го имам тоа предвид вечерва“,
порачува Вучиќ.
Очекувањата од вечерашниот состанок, како што пренесува Н1 ТВ, не се големи. Преговорите се одвиваат во напната атмосфера по бојкотот на изборите во општините со српско население на северот на Косово.
Вучиќ пред неколку само одмавна со главата на прашање што очекува од состанокот, а Курти, пак, порача дека нема да дозволи Заедницата на српски општини (ЗСО) да биде нова Република Српска.