Работниците и граѓаните заслужуваат поголемо достоинство и грижа, а тоа е единствено можно само преку силна, стабилна и економија кој ќе биде ослободена од притисокот на властите, велат од опозициската партија порачувајќи дека за да се случи тоа потребни се промени

Овогодишниот 1 Мај – Меѓународен ден на трудот, вели опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владата им го честита на работниците со Закон за зголемување на работната недела алудирајќи на предлог-измените на Законот за работни односи со кои ќе се овозможи зголемен број работни часови за работниците што ќе бидат ангажирани на проекти од национален и стратешки интерес како што е изградбата на коридорите 8 и 10-д.
Покрај со зголемена работна недела, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека годинава Меѓународниот ден на трудот Владата го честита и со минимална плата која не се почитува и со кршење на работничките права.
„Македонија последните пет години ги живее во мизерија, пред сè од економска, но и од гледна точка на сигурност и иднина. Ова прашање не може да ги одбегне моментите на иселување на работната сила, немањето ниту една нова странска инвестиција, немање на новоотворени работни места, работници кои немаат земено плата, инфлацијата која расте, цените кои се во незапирлив скок, а државата е во долгови. Половина милион луѓе живеат во сиромаштија со само 150 денари на ден. Ова прашање одамна веќе не е прашање за левицата или десницата, туку прашање за човековото право за достоинствен живот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лажните пораки за грижа на Влада, додаваат од опозицијата, мора итно да се сменат.
„Работниците и граѓаните заслужуваат поголемо достоинство и грижа, а тоа е единствено можно само преку силна, стабилна и економија кој ќе биде ослободена од притисокот на властите. Потребни се промени за посигурна иднина“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, пак, премиерот Димитар Ковачевски порача дека тој и неговата Влада се сојузници на работниците и во честитката потсети дека денес минималецот е над 20 000 денари што е зголемување за 100 отсто во однос на 2016 година. Исто така, тој порача дека предвреме го исполниле ветувањето за просечна плата од над 500 евра.
И Ковачевски ја спомена изградбата на коридорите 8 и 10-д, но од аспект на тоа дека ќе се отворат нови 8 000 работни мести, ќе има инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за два отсто годишно во наредните пет години.