Според извори од двете партии на кои се повикува ТВ 24, на состанокот, кој се случил неделава, не станало збор за суштинска соработка, туку само за првична средба, откако и двете партии неколку пати најавија можност за идна соработка чија цел би била да се стави крај на владеењето на ДУИ и партијата на Али Ахмети да се пресели во опозиција
На прашања од телевизијата до двете партии во врска со средбата, од Беса ниту демантирале, ниту потврдиле дека се одржал ваков состанок. Подиректен одговор пристигнал од партијата на Африм Гаши, Алтернатива од каде рекле дека нивниот лидер се среќава со повеќе политички авторитети и дека секако има контакти меѓу Алтернатива и Беса
Лидерите на опозициските партии од албанскиот блок Движењето Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши неделава имале средба, која, според извори од двете партии, е првичен обид да се „стопи мразот“ меѓу двете партии во насока на евентуална идна посериозна соработка, објави ТВ 24.

Станува збор за прва средба меѓу двајцата лидери по повеќе од четири години, според она што досега е познато во јавноста.
Според истите извори на кои се повикува телевизијата на средбата не станало збор за суштинска соработка, туку само за првична средба, откако и двете партии неколку пати најавија можност за идна соработка, чија цел би била да се стави крај на владеењето на ДУИ и партијата на Али Ахмети да се пресели во опозиција.
Од ТВ 24 испратиле прашања до двете партии во врска со средбата. Според одговорот што го добиле од Беса, оттаму ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат средбата.
„Движењето Беса е отворено за соработка со сите опозициски политички партии. И комуникацијата и средбите меѓу опозициските партии е нормално да се одвиваат“,
навеле од Беса во одговорот.
Подиректен одговор пристигнал од партијата на Африм Гаши, Алтернатива од каде рекле дека нивниот лидер се среќава со повеќе политички авторитети и дека секако има контакти меѓу Алтернатива и Беса.
„Секако дека има контакти меѓу Алтернатива и Беса, а за тоа дали ќе има соработка и како ќе изгледа тоа, за тоа допрва треба да почекаме. Како партија која се залага за поинаков вид на вредности, на која главна тема и е борбата со корупцијата, но и евроинтеграции, ние би сакале да најдеме партнери со кои би можеле да соработуваме на овие принципи. Сите се сложуваме дека е време и кај Албанците да се случи промена. Време е за нова алтернатива“,
изјавиле од Алтернатива на Гаши.

Тој претходно во интервју во „24 анализа“ не негираше дека би излегол заедно со Беса на следните парламентарни избори, а рече дека има контакти и со т.н. „огнена група“ на ДУИ, која во моментов делува како фракција.
Алтерантива стана опозициска партија, откако ја напушти Владата по неодамнешната нејзина реконструкција со која во владејачкото мнозинство влезе Алијанса за Албанците.
Дека Движењето Беса е подготвена да седне на заедничка маса со Алтернатива и да разговара за вредностите што ги делат, најави и заменик-претседателот на Беса, Арјанит Хоџа во интервјуто за “360 степени“ емитувано на 24 февруари, неколку дена пред да бидат изгласани новите министри од редовите на Алијанса за Албанците во Собранието.
„Ние сме имале различни нивоа на комуникација, не значи дека биле високи нивоа што носат до нивоа на коалиционирање или соработка, но комуникацијата продолжува и нормално дека во моментот кога ќе се разјасни политичката ситуација, кога Алтернатива де факто ќе биде дел од опозицијата, нормално дека нè обединува опозициската визија и ќе бидеме подготвени да седнеме и да зборуваме за вредностите што ги делиме. Доколку делиме истите вредности за тоа како сакаме да ја гледаме државата и иднината на државата, ќе седнеме и ќе разговараме и за други конкретни чекори. Сега е многу рано да разговараме за ова прашање“,
рече Хоџа во гостувањето во “360 степени“.
Алтернатива е партија што произлезе од Движењето Беса по поделбите што се случија поради лошите резултати на локалните избори во 2017 година.