Тешка сообраќајна несреќа, но за среќа без изгубени човечки животи, се случила рано утрото на автопатот 53 во Унгарија. Автобус кој превезувал педесетина туристи од Белград кои сакале да ги поминат првомајските празници во Будимпешта, излетал од автопатот во близина на гратчето Кишкунхалаш и се превртел. Најверојатно за да избегне друго возило, автобусот во полна брзина тргнал во спротивна насока и потоа се превртел.
Српските медиуми пренесуваат дека 15 лица се повредени, но ниту едно од нив потешко. Екипи за спасување бргу пристигнале на местото на настанот и ги скршиле стаклата за да ги извлечат патниците. На местото на настанот дошол и сопственикот на агенцијата преку која патувале. Тој изјавил дека во болница биле пренесени возачот и еден од патниците, а според унгарските медиуми, меѓу повредените, во болница биле пренесени и две дечиња.
Најголем дел од патниците решиле да почекаат нов автобус и го продолжиле туристичкото патување до Будимпешта. Дваесетина се вратиле во Белград.