Грковска во објавата на својот официјален фејсбук-профил јавно прашува: „Со кој кредибилитет ќе продолжи ваквиот Судски совет да носи одлуки?“. Таа вели дека ваквите случувања во Советот не смеело да се дозволат во никој случај
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска преку објава на социјалните мрежи изрази очекување од надлежните институции да покренат постапки во врска со последните случувања во Судскиот совет.

Грковска во објавата на својот официјален фејсбук-профил јавно прашува: „Со кој кредибилитет ќе продолжи ваквиот Судски совет да носи одлуки“.
„Кој би бил нивниот кредибилитет како судии? Уште повеќе, очекувам надлежните институции да покренат постапки на повеќе нивоа, зошто одмолчувањето и игнорирањето ќе значи сериозно дерогирање на целото општество“,
вели Грковска.
Вицепремиерката вели дека секој треба да носи индивидуална одговорност во зависност од тоа на која позиција е и наведува дека во година која е клучна за суштински напредок на државата во европската интеграција, од сите се бара поголема зрелост, мудрост и одговорност за работењето и функционирањето.
Таа смета дека случувањата во Судскиот совет не смеело да се дозволат во никој случај.
„Имајќи ја предвид крајно неповолната состојба во правосудниот систем во земјава, за која сме сите свесни и за која добиваме остри реакции од меѓународната заедница, сметам дека случувањата во Судскиот совет не смееше во никој случај да се дозволат. Советот е тело кое треба да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт и да ги остварува своите функции согласно со Уставот и законите“,
вели Грковска во објавата.
Затоа е поразително, посочува таа, што наместо да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, што е една од основните функции на Советот, оттаму се манифестира прекршување на процедурите и постапките во самото работење на Советот, што беше констатирано и од набљудувачите од граѓанскиот сектор.
„Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив туку и за државата. Телото кое е задолжено да ја оценува работата на судиите и судовите во земјава, мора да биде пример за професионалност и законито работење“,
пишува вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.
Тензиите во Судскиот совет кои предизвикаа бурни реакции, ескалираа пред три дена со разрешување на претседателката Весна Дамева од група членови предводени од заменик-претседателот Селим Адеми. Во средата на седница, кога на дневен ред беа претставки од граѓани, но и формирање комисии за поднесени барања за утврдување на одговорност на судии, настана расправија за меѓучовечките односи во самиот Совет.
Повод за да почнат караница на јавната седница беше писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер за што дел од членовите ја обвинија Дамева дека го криела, додека таа одговараше дека била од одмор. Во писмото, Агелер ја изрази својата и загриженоста на САД за состојбите во правосудството, а конкретно укинувањето на пресуди од Апелацискиот суд и враќањето на случаите на повторно судење.
Меѓутоа, во јавноста излегоа и неофицијални информации дека заднина на конфликтот била и иницијатива за утврдување одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети за кого беше констатирано дека девет месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, а беше дел и од други висопрофилирани случаи.
По контроверзното разрешување на Дамева, од страна на заменик-претседателот на Судскиот совет за следниот ден беше закажана итна седница за избор на нов претседател. Сепак, по двочасовно пролонгирање на нејзиниот почетокот, седницата беше одложена за 2 мај. Објаснувањето на Адеми беше дека е отсутен еден од 13-те члена на Советот со право на глас.
Поврзани вести:
- Караници во Судскиот совет по писмото на амбасадорката Агелер
- Седум члена ја разрешија Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет – таа обвини за анархија и за исполнување желби на лица од политиката
- И денеска тензично во Судскиот совет, седницата поместена за два часа
- Судскиот совет не гласаше за нов претседател, заменик-претседателот не коментира дали законски ја разрешиле Дамева
Реакции по разрешувањето на Дамева:
- Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека Дамева е разрешена спротивно на Законот за Судскиот совет
- Пендаровски: Сцените во Судскиот совет не му доликуваат на тело со толку одговорна улога
- Ковачевски ги повика членовите на Судскиот совет да пријават ако некој им се мешал во работата
- Министерството за правда бара увид во Записникот од вчерашната седница на која беше разрешена Дамева
- ДКСК изрази сериозна загриженост за случувањата во Судскиот совет – очекува реакција од релевантните државни субјекти
- Претседателката на Врховен: Да се реши состојбата во Судскиот совет
- И пратениците реагираат за случувањата во Судскиот совет: За некои е скандалозно, за други реприза на „27 април“
- Мицкоски за случувањата во Судскиот совет: Вандализам и вагабонство на отворена сцена
- Гир: Последните случувања во правосудството не се во насока на она што ЕУ го очекува од С Македонија