Заменик-министерката за здравство Маја Манолева рече дека за вработените, за кои ќе се констатира несоодветно однесување на работното место, ќе биде покрената соодветна постапка

Ќе се формира комисија која треба да го испита случајот со пуштањето гласна музика во поликлиниката во населбата Драчево, вели Виктор Исјановски од Здравствен дом Скопје.
„Снимката ја видов во понеделникот на некој од порталите, меѓутоа на таа снимка не гледам вработени, не гледам пациенти, гледам само како некое лице снима во некои долни простории и се слуша музика“,
рече Исјановски, прашан за коментар за ситуацијата во поликлиниката во Драчево што се случи пред некој ден, дали ќе следуваат санкции и која е процедурата.
Исјановски рече дека не може да се утврди ни дали тоа било во утринските или во попладневните часови.
„Таа поликлиника не работи во попладневните часови. Дали било во ноќните часови, затоа ќе си се формира комисија и соодветно ќе се реагира“,
подвлече Исјановски.
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева рече дека со Исјановски разговарале на оваа тема и најави дека за вработените за кои ќе се констатира несоодветно однесување на работното место ќе биде покрената соодветна постапка.
„Сите ние како здравствени работници, еве и јас и директорот, имаме обврска соодветно да се однесуваме и на работното место, но и надвор од работното место“,
нагласи Манолева.
Пред два дена новиот директор на Здравствениот дом Скопје, Вулнет Селими, најави дека управителот и дежурниот лекар во поликлиниката ќе подлежат на дисциплински мерки
„По објавувањето на видеоснимка од внатрешноста на поликлиниката Драчево, на која се слушаа песни со исклучително висок глас, што е надвор од секоја етика и прописи, ја посетив оваа поликлиника. Одговорниот лекар ми потврди дека таа сцена се случила минатиот четврток, правдајќи ја дека била по повод пензионирањето на вработен на Клиниката, што и според него е над нормалното. За овој пропуст ќе бидат преземени дисциплински мерки и против управителот на клиниката и против дежурниот лекар одговорен на денот кога се случила оваа сцена“,
рече Селими.