Од ДПИ најавуваат дека контролите ќе продолжат и во текот на наредниот период

Над 30 инспектори на Државниот пазарен инспекторат денеска се на Кванташкиот пазар во Скопје каде што вршат контрола на трговците со овошје и зеленчук.
„Кај увозниците на овошје и зеленчук се контролира почитување на одлуката на Владата за дистрибуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата што ги испорачувале во јануари и февруари. Се вршат контроли и кај сите други субјекти на Каванташки за регистрирана и нерегистрирана дејност“,
велат од ДПИ.
Акцијата на инспекторите ќе трае во текот на целиот ден, а потоа, како што најавуваат од ДПИ, ќе излезат со информација за наодите кои биле откриени и дали има казнети трговци. Од ДПИ најавуваат дека контролите ќе продолжат и во текот на наредниот период.
Акцијата на инспекторите на ДПИ се врши во координација со тимови Управата за финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за одземен имот.
Согласно Законот за трговија, казните за увозниците, зависно од нивната големина, доколку се утврди непочитување на владините одлуки, се движат 800 до 10 000 евра, додека за нерегистрирана дејност покрај паричната казна е предвидено и одземање на стоката.
На предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука трговците и увозниците кои продаваат овошје и зеленчук да прибавуваат и да продаваат 70 отсто од количествата што ги продавале во јануари и февруари.
Ова е втора голема акција на инспекторите од ДПИ на Кванташкиот пазар во текот на овој месец.
Од ДПИ објавија дека во периодот од 27.3 до 9.4.2023 година извршени се над 1 100 инспекциски надзори и издадени се над 230 прекршочни платни налози во вредност од над 7 727 000 денари.
Од ДПИ информираат дека се извршени и повеќе од 650 надзори врз основа на Одлуката на Владата за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало која се однесува на цените на замрзнување на овошјето и зеленчукот. При овие надзори издадени биле 22 прекршочни платни налози во вредност од над 1 300 000 денари.