Повеќе од 20 претставници на ЕУ кои работат во Судан се евакуирани и вратени во Европа, соопшти Европската комисија
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, вчера потврди дека повеќе од 1 000 луѓе се евакуирани од Судан. Тој се заблагодари на Франција за помошта во операцијата, но и на сите други земји кои, не само што ги евакуираа своите граѓани, „туку и сите што можеа“. Тој одби да даде точни информации за евакуираните.
Повеќе од 20 претставници на ЕУ кои работат во Судан се евакуирани и вратени во Европа, соопшти Европската комисија.
„Значи, тоа беше успешна операција, но сложена“,
рече тој.
Борел, исто така, ја истакна важноста на меѓународниот притисок за прекин на борбите. Имплозијата на Судан ќе „испрати шокови“ низ Африка, рече тој.
Во неделата, Борел ги повика двајцата водачи на завојуваните страни во Судан да прогласат прекин на огнот и рече дека ЕУ ја евакуира својата делегација од суданскиот главен град Картум. Борел на Твитер напиша дека разговарал со началникот на армијата на Судан и де факто претседател Абдел Фатах ал Бурхан и шефот на паравоените сили за брза поддршка (РСФ) Мохамед Хамдан Дагл.
Тој додаде дека за време на разговорите „инсистирал на потребата да се заштитат цивилите“ во Судан, каде што се водат тешки борби повеќе од една недела. Шефот на дипломатијата на ЕУ побара и гаранции за безбеднa евакуација на граѓаните на Унијата од Судан. Европската Унија ја евакуира својата делегација од Картум, објави тогаш Борел на Твитер.
Би-би-си објави снимка на која се гледа како луѓето се качуваат во авионот и тој полетува.
Нема македонски државјани заглавени во Судан
Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека со внимание го следи развојот на состојбите во Судан и дека од почетокот на тензиите и насилствата во земјата не се регистрирани повици од наши државјани на кои им е потребна помош.
„Според досегашните информации добиени од нашата амбасада во Каиро, како надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Судан, во моментот нема наши државјани кои престојуваат во земјата, а воедно, од почетокот на тензиите во земјата, не се регистрирани повици од наши државјани на кои им е потребна помош“,
соопштија од МНР.
Оттаму апелираа доколку има наши државјани кои се наоѓаат на територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на следниот телефонски број +201033615542 и на електронската адреса [email protected], како и Министерството за надворешни работи на СОС-телефонот + 389 75 273 732 и следната имејл адреса [email protected].
Насилствата во Судан избувнаа пред десетина дена и оттогаш жестоките кои се водат меѓу суданската армија, на чие чело е генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, сè повеќе добиваат на интензитет.
Во меѓувреме пропаднаа неколкуте договори за прекин на огнот, посредувани од САД и други земји од меѓународната заедница, а не беше почитувано ниту примирјето за одбележување на големиот муслимански празник Рамазан бајрам.