Мигрантите се обиделе да го поминат Ла Манш на импровизиран пловен објект
Петнаесет мигранти, меѓу кои две жени и едно дете, се спасени при обид со импровизиран пловен објект да преминат од Франција во Велика Британија, јави МИА.
Како што соопшти поморската префектура за Ла Манш и Северното Море, непосредно по 4:00 часот во саботата наутро, регионалниот центар за оперативно надгледување и спасување бил контактиран од рибарски брод, кој укажал дека пловен објект со повеќе мигранти на оддалеченост од околу седум километри западно од Булоњ-сур Мер, се соочува со проблем.
Патролен чамец на крајбрежна жандармерија успеал да ги пронајде, а потоа биле преземени од пожарникари и граничната полиција. Сите се безбедни и здрави.
Обидите да се премине во Англија се се побројни од 2018 година, и покрај опасноста поради густината на поморскиот сообраќај, силните струи и ниската температура на водата. Во 2019 година биле пресретнати 2 758 мигранти кои се обидоа да го преминат каналот Ла Манш, четири пати повеќе отколку во 2018 година, покажуваат податоците на поморската префектура.