Иницијативата ја поднесоа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а покрај нив, „за“ гласаше и Левица. Еден од двајцата советници на оваа партија критикуваше дека местото на оваа точка не е на седница на Советот на Општината, обвини дека тоа е понижување за семејствата, но и срамота со општински пари да се прави ова. За ВМРО-ДПМНЕ рече дека е лицемерна, но на крај со неговиот сопартиец гласаа „за“

Општина Битола ќе им даде по 10 000 денари помош на семејствата на осудените за организираниот насилен упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Оваа иницијатива ја поднесоа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а освен нив, „за“ гласаа и двајцата нивни колеги од Левица. СДСМ и коалицијата, како и советниците од „Поинаку“, не присуствуваа на седницата.
Иницијативата во чиј наслов стои дека е „за доделување финансиска помош од 10 000 денари по семејство на неправедно осудените во настаните на 27 април 2017 година“, беше изгласана во рамки на продолжението на 26. седница на Советот.

Со седницата не претседаваше претседателката Габриела Илиевска од „Поинаку“, туку советничката Марица Тодоровска од ВМРО-ДПМНЕ, која нејзините колеги сопартијци и советниците од Левица како највозрасна ја избраа за претседавач.

Советничката од коалицијата „Движење – Одлучно за промени“ (ДОМ и ЛДП), Анастасија Трајковска, пак, присуствуваше на седницата, но се иззема од гласањето.
Таа рече дека на ваква точка не ѝ е место на дневен ред на Советот и оти судот е тој што кажува дали некој е праведно или неправедно осуден.
Еден од двајцата советници на Левица, Гаврил Трајковски, критикуваше дека местото на оваа точка не е на седница на Советот на Општината, обвини дека тоа е понижување за семејствата, но и срамота со општински пари да се прави ова. За ВМРО-ДПМНЕ рече дека е лицемерна, но на крај, со неговиот сопартиец гласаа „за“.

„Ова е најлицемерната точка во историјата на Советот на Општина Битола. Ако се прашаме зошто – баш од комитетот на ДПМНЕ во Битола доаѓаат двете пратенички кои не гласаа за амнестијата токму на овие исти осуденици, за сега истиот тој комитет да прати иницијатива до Општина Битола истите да добијат финансиска помош. Не знам дали си ја перете вашата совет?! Срамота е ваква точка на дневен ред. На оваа точка не ѝ е местото тука, имаше точка во Собранието каде можевте да изгласате закон. Смешно и жално е да им дадеме по 10 000 денари, тоа е класичен поткуп и омаловажување на тие луѓе. Дел од функционерите кажаа дека ќе го донираат покачувањето од 78 отсто. Зошто не се собравте по комитетите низ Македонија и сите функционери да одвоите пари, па така да помогнете? Срамота е со општински пари да го правиме ова, ние ќе гласаме ’за‘ бидејќи веруваме дека вистински им треба помош на овие семејства, но од вас е најлицемерно ова што го правите“,
рече советникот од Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, никој не се јави за збор.
СДСМ, чии советници не беа на седницата, по завршувањето реагираше преку соопштение обвинувајќи дека ова е злоупотреба на пари во Општина Битола за осудени од 27 април и партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е сменето. Тоа е истата режимска, насилничка партија, која овој пат заедно со Левица троши народни, општински пари за финансиски да поддржува лица осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок, лица кои се обидоа да убиваат пратеници, новинари и вработени во Собранието. Додека ги покачува цените на услугите за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ парите од општинската каса ги дели на партиски членови. За ова ли се задолжувањата на општините кои по налог на шпицниот Мицкоски го спроведуваат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ?“,
реагираа од СДСМ.