Од владејачката партија повторија дека коридорите 8 и 10-д се најголемиот инфраструктурен проект во државата вреден 1,3 милијарда евра од кои, како што велат, 600 милиони евра ќе завршат кај домашни компании. Наспроти сомнежите на опозицијата за злоупотреби при изградбата на коридорите 8 и 10-д, од СДСМ велат дека она што е синоним за криминал и корупција е автопатот Кичево – Охрид кој го почна ВМРО-ДПМНЕ

Владејачкиот СДСМ продолжи да ги обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека водат хајка против изградбата на коридорите 8 и 10-д и таа, според социјалдемократите, е политички мотивирана.
Според СДСМ, се води хајка и против американската компанија „Бехтел“ која во конзорциум со турска „Енка“ треба да ги гради автопатските делници.
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски под заложништво на проруската Левица водат хајка против стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10-д и против реномирана американска компанија. Изградбата на коридорите 8 и 10-д е најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, вреден 1,3 милијарда евра. 600 милиони евра од овие пари ќе завршат кај наши домашни компании. Гледаме дека со невистини и спинови Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ застанаа против реализација на овој проект важен за развојот на земјата“,
рече денеска на прес-конференција во партиското седиште, пратеникот од СДСМ, Миле Талевски.
Од владејачката партија го обвинуваат Мицкоски дека е, како што велат, „последен претставник на црвената буржоазија.
„Мицкоски кариерата ја започнал кај својот татко на факултет, каде што бил асистент токму кај својот родител, а потоа таму бил и вработен. Ништо сам во животот нема направено. Една шајка во животот нема заковано, освен онаа лажната во рекламен спот во 2020 година кога и ги загуби изборите. Мицкоски е последен што може да зборува за проекти, за градење и градежништво. Видовме што се случува во Скопје и во општините кои ги води ВМРО-ДПМНЕ. Нема ниту еден проект од најавените од страна на Мицкоски“,
рече Талевски.
Наспроти сомнежите за злоупотреби за коридорите 8 и 10-д, од СДСМ велат дека она што е синоним за криминал и корупција е автопатот Кичево – Охрид кој го почна ВМРО-ДПМНЕ.
„Сè што ќе фатат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е погрешно и осудено на неуспех. Тоа најдобро се гледа со автопатот Кичево – Охрид, синоним за криминал и корупција, за провизии од тендери на штета на државата и граѓаните. Зарем треба да дозволиме нови паушални, скандалозни постапки и процеси на градби кои траат 10 години?“,
рече пратеникот.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, на прес-конференција претходно ја обвини Владата за злоупотреби и криминал за коридорите 8 и 10-д прашувајќи зошто се обврзала да ја зголеми работната недела на 60 часа за работниците што ќе бидат ангажирани за изградбата на овие автопатишта или во спротивно да плаќа пенали.