Целта на ваквиот чекор што ќе го преземе Владата, велат оттаму, е пратениците да се запознаат со сите детали од договорот, а презентацијата ќе биде пред сите пратеници кои поседуваат безбедносен сертификат. Најавата за доставување на договорот до народните избраници следува откако вчера деветмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат безбедносни сертификати, испратија писмено барање до премиерот Ковачевски

Претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба на овие два коридори, во соодветна собраниска процедура, најавија попладнево од Владата.
Увид во договорот, според владиното соопштение, ќе имаат пратениците со безбедносен сертификат.
„Целта е пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат“,
велат од Владата.
Во владиното соопштение со најавата понатаму уште еднаш потенцираат дека коридорите 8 и 10-д се досега најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, чијашто вредност изнесува 1,3 милијарди евра.
„Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. Учеството на секоја институција е важно за брза и навремена реализација на овој најголем инфраструктурен проект, кој е од стратешки интерес за државата. Со изградбата на коридорите 8 и 10-д, Северна Македонија конечно станува раскрсница на Балканот. Коридорот 8 е нов економски и развоен импулс на државата, можност Северна Македонија да биде на сообраќајната и економската карта на Европа. Изградбата на овие два коридора значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните“,
велат од Владата.
Ваквата најава следува откако опозицијата бараше објавување на договорот, за кој од Владата соопштија дека е класифициран. Вчера, деветмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат, упатија и писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот. Барањето тие го поднесоа врз основа на членот 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации.