Со сите засегнати страни интензивно работиме на сите процедури и протоколи за да се реши засекогаш проблемот со лекот „трикафта“. Сакаме решението на проблемот да биде долготрајно, ефективно и квалитетно, вели министерот за здравство

Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека интензивно се работи на решавање на проблемот со лекот „трикафта“.
„Интензивно работиме со сите засегнати страни на сите процедури и протоколи за да се реши засекогаш проблемот со лекот ‘трикафта’. Сакаме да има еднаш засекогаш и група и комисија и решението на проблемот да биде долготрајно, ефективно и квалитетно. Тоа е една болна точка, голем проблем и уште првиот ден се зафатив со решавање на проблемот за обезбедување лек за цистична фиброза“,
изјави министерот за здравство Фатмир Меџити во одговор на новинарско прашање околу обезбедувањето на лекот за оваа ретка болест.
Запрашан за детали околу случајот со анестезиологот од Тетово, кој снимаше пациенти на Тик-ток, министерот рече дека како никогаш досега многу брзо е санкциониран лекарот и доби притвор. Меџити нагласи дека за овој случај ќе се постапува и понатаму, вклучително и во однос на извештајот од Лекарската комора.
„Значи, во рамките на законот, тој ќе биде седум години без лиценца, додека заврши судската процедура, а кога ќе заврши, може и доживотно да остане без неа“,
нагласи министерот.
Меџити, исто така, рече дека и самиот добил непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот, но немало ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга.
„Не знам зошто. Тоа може да го споделам, до пред две-три недели, замислете, немало ниту дисциплинска комисија во таа болница. Не знам зошто. Отсега натаму во Министерството за здравство и со мојот тим работите веќе нема вака да продолжат. Ќе се решат во ист момент проблемите и најстрого ќе се санкционираат. Поранешниот организациски директор не бил на работа кога се случило тоа и немал редовен работен однос. Веднаш го разрешив. Денес или утре ќе има нов организациски директор. Жалам што тој настан се случи“,
рече министерот.
Тој одговори и на новинарско прашање дали ќе се укинат организациските директори.
„Работиме на тоа, законот обврзува за сега да е така, понатаму сите опции се отворени. Прво да имаме пресметка, ќе се види дали ни требаат или не. Бидејќи веќе најавив, ќе има спојување на клиничкиот центар, тогаш се подразбира по автоматизам дека ќе има само еден генерален директор како порано. Тоа е во интерес на пациентите и буџетот, за да има помалку управни одбори. За подобро здравје и подобри услуги“,
нагласи министерот.
Меџити се осврна и на случаите со смртта на малата Јана и на бебето во Битола. Министерот потсети дека има извештај за нив, судската процедура е во тек и двата случаи се во Обвинителството додавајќи дека Министерството веќе нема компетенции за нив.
„Се друго што ќе има во врска со овие случаи ќе биде споделено со јавноста“,
додаде тој.