На 8 март Владата го потпиша договорот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Проектот тежи 1,3 милијарда евра и опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави оглас за вработување на лица кои ќе работат во Проектната единица за спроведување на проектот за изградба на четирите автопати на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Вработувањето ќе биде на определено време, до 22 јануари 2028 година, односно до завршување на проектот. Работното време, како што се наведува во огласот, е 40 часа неделно.
Огласот е отворен до 25 април, а директорот на ЈПДП ќе формира комисија за селекција на кандидатите која може да ги разгледува пријавените кандидати од 45 до 120 дена, што ќе зависи од нивниот број.
Најплатена позиција е за едно лице – помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер. Основната плата што се нуди е 70 052 денари, со осумчасовно дневно работно време во прва смена.
Се бара и еден координатор на единицата за подготовка на проектот. Кандидатот за оваа позиција треба да има диплома од некој од факултетите за општествени науки. Месечната нето-плата е 60 005 денари за, исто така, 40-часовна работна недела. Се бара и од еден координатор „на единицата за техничка изведба на проектот“, кој треба да биде градежен инженер за плата од 65 029 денари.
За реализација на проектот се бараат и четворица специјалисти за експропријација на имот. Кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И за нив ќе важи истото работно време од 40 часа, а ќе добиваат основна плата од 45 045 денари. Се бара еден преведувач од англиски и еден известувач за проектот за плата од 45 045 денари.
Се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето-плата од 30 000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.
На огласот се отвораат и пет работни позиции за „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. Тоа би биле градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55 037 денари. За истата плата се бара и еден „урбанист“, еден геодет, како и двајца „специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација“. Оваа плата ќе ја добиваат и двајца што се разбираат во заштита на животната средина, еден електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер.
На 8 март Владата го потпиша договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Проектот тежи 1,3 милијарда евра и опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат.
За Владата ова е историски проект, најголем во патната инфраструктура во историјата на државата. Од „Бехтел и Енка“, пак, оценија дека ова е возбудлив и сложен проект и рекоа дека ја преземаат одговорноста да одржат највисок стандард во изградбата.
Проектот беше официјализиран на 4 април на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово-Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар-Букојчани, Требениште-Струга- Ќафасан и Прилеп-Битола.