Донесувањето на Деталниот урбанистички план за еден дел од населбата Лисиче е во фаза на консултација со јавноста, а изработката на документот е иницирана во мандатот на претходниот градоначалник Златко Марин – рече на денешната средба со новинарите градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски
За наводите дека сопственици на позната градежна компанија веќе купиле земјиште на локациите на кои во сегашната верзија на ДУП е предвидена изградба на згради, Муцунски рече дека ние сме пазарно стопанство и дека не може да даде одговор „на која било празна локација, која компанија откупува“. Но, како што додаде, иницијативите за носење на ДУП не се тајна, почната е во 2019 година и оттогаш секој знаел дека ќе се носи ДУП, додава градоначалникот на Аеродром
Според СДСМ, оправдувањата дека процесот е започнат во 2019 година воопшто не држат зашто денеска сме 2023 година Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ го имаат мнозинството во Советот и прашањето е што прави актуелната локална власт. Бараат случајот да го истражи ДКСК
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, вели дека информациите што деновиве се пласираат во јавноста во врска со процесот на донесување на Детален урбанистички план (ДУП) за дел од населбата Лисиче се лажни вести, дезинформации и неосновани обвинувања од политичките ривали.
Тој денеска на средба со новинарите рече дека целата постапка за овој ДУП, спроведена за време на неговиот градоначалнички мандат, е чиста од законски аспект и дека нема простор за никаква дилема. Доколку некоја институција има некаков сомнеж, повика Муцунски, стоиме на располагање за соработка.
„Донесувањето на Деталниот урбанистички план за еден дел од населбата Лисиче е процес кој е во фаза на консултација со јавноста, документ чија изработка е иницирана за време на мојот претходник Златко Марин, односно пред моето доаѓање за градоначалник во Општина Аеродром, а која на најтранспарентен начин, во консултација со јавноста и во согласност со законите, се реализира додека јас сум градоначалник во Аеродром. А, токму СДСМ во 2019 година донесе ДУП на локација која се наоѓа на 50 метри од локацијата која сега за нив е спорна и каде веќе се изградени четири станбени згради“,
рече Муцунски, кој е и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ДУП предвидува главно куќи и само неколку згради
Според него, на локацијата на која е предвиден новиот ДУП во Лисиче, не станува збор за изградба на стотици згради и некаква бетонизација туку дека тоа е Детален урбанистички план со кој се предвидени 95 отсто објекти за индивидуално домување и само неколку колективни станбени згради. Ова, според Муцунски, е и ДУП кој првпат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче од над 2 000 квадратни метри.
На прашањето – како ќе се реши пристапот до тие згради, бидејќи зад нив ќе има објекти за индивидуално домување и дали со нивната изградбата нема да се затвори протокот за куќите, Муцунски вели дека целото движење за тие објекти е предвидено да биде директно од булеварот.
„Овие згради се, всушност, рефлексија на веќе изградените од другата страна на булеварот, кои се на 50 метри од оваа локација“,
вели градоначалникот на Аеродром.
За тоа како иста фирма ќе гради објекти и од едната и од другата страна на булеварот, Муцунски вели дека тој не може да даде одговор.
„Ние сме пазарно стопанство и не можам да дадам одговор на која било празна локација, која компанија откупува. Тоа што можам да кажам е дека на територијата на оваа општина се прифатени голем број иницијативи за носење на Детални урбанистички планови, а колку од нив ќе бидат успешни е знак прашање согласно исполнување законски критериуми. Но, ќе кажам дека иницијативите за носење на ДУП не се тајна. Не е тајна дека оваа процедура е почната во 2019 година и оттогаш секој знаел дека тука отпочнува иницијатива за носење на ДУП. Ако ги отворите параметрите согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје, станува јасно дека во некој момент, ако се донесе ДУП за тој дел, се знае што може да се гради“,
вели Муцунски.
(Не)транспарентна јавна анкета
По објавувањето на јавната анкета, жителите од овој дел на населбата Лисиче имаат поднесено над 100 анкетни листа со забелешки. Но, тие реагираа дека за јавната анкета дознале четири дена пред таа да заврши бидејќи Општина Аеродром применила начин на информирање кој не бил транспарентен.
„Ги повикуваме сите да застанат со нас против уништување на Лисиче. Ние жителите на населба Лисиче сме соочени со градежната мафија која сака да ја бетонизира нашата населба преку немилосрдниот предлог план на Општина Аеродром. Ние се бориме да го зачуваме нашето соседство, мирот и спокојното живеење во нашите домови. Населба Лисиче веќе е една од рекордно најзагадените населби и со предлог-планот ќе биде тотално уништена. Да кажеме стоп на градежниот хаос кој заедно може да го спречиме. Да го зачуваме Лисиче е соседска и натпартиска иницијатива“,
пишува во објавата на иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ на Фејсбук.
За наводите за нетранспарентност на јавната анкета, Муцунски рече дека тоа што се поднесени над 100 забелешки кажува дека граѓаните знаеле и затоа реагирале.
Она што, според Муцунски, треба да следува во однос на донесувањето на овој ДУП е разгледувањето на забелешките од јавната анкета.
„Јавната анкета за овој Детален урбанистички план заврши пред неколку дена. Сега Комисијата за урбанизам во Општината треба да се состане и да ги разгледа над 100 анкетни листови со забелешките кои ги имаат граѓаните. Потоа ќе одлучи дали тие анкетни листови се прифаќаат или не. Хипотетички кажано, можно е, иако има повеќе сценарија согласно законот, тој ДУП да оди повторно на јавна анкета. И да одлучи Комисијата за урбанизам, дека со одредени измени согласно анкетните листови, тој ДУП ги исполнува условите за Општина Аеродром, тој ќе оди на мислење во Град Скопје и во Министерството за транспорт и врски. Не сме ние тие што го имаат крајниот збор дали овој ДУП исполнува или не одредени законски услови. Но, пред да ги видиме забелешките, не можам да кажам конкретен одговор која е следната постапка. Времето ќе покаже каков ќе биде крајниот исход, но тој никако нема да биде на штета на граѓаните“,
уверува Муцунски.
Градоначалникот додаде дека во 2019 година од граѓани кои живеат во тој дел иницирана е постапка за носење на Детален урбанистички план. Иницијативата, како што вели тој, потоа се усвојува од страна на Советот, што значи дека е јавен податок дека во тој дел ќе се носи ДУП. Тој предлог од страна на планер, кој е ангажиран од жителите, неколку пати е пуштан како предлог до Комисијата за урбанизам. Но, неколку пати, поради неисполнување на законски основи, е враќан. Последната верзија што планерите ја пуштиле, вели градоначалникот, согласно наодот и мислењето на Комисијата за урбанизам на Општина Аеродром, ги исполнува законските услови за тој план да оди на јавна анкета.
Муцунски, велејќи дека е градоначалник што има избришано над 10 маркици за згради, додава дека таму каде има преголем урбан развој нема да се гради.
„Но, секоја општина, во рамките на своето урбано планирање, мора да се шири во некоја насока и токму тие се деловите каде сметаме дека може да има хуман и соодветен урбан развој“,
вели тој.
Муцунски на денешната средба со новинарите одговори на обвинувањата на СДСМ со контраобвинувања за други случаи неповрзани со неговата општина.
„Само кај нас во Македонија може да имаме случај кога неуспешен градоначалник, на сомнителен начин, унапреден во потпретседател на политичка партија на власт, на својата мајка ѝ помага да купи земјиште за луксузен хотел и тоа по багателни цени, токму во општина каде неговата партија е на власт. Или, пак, случај каде отсуство од седница на Влада може да биде земено како позитивна околност, а не како сомнеж за коруптивни дејство при продажба на земјиште на својата сопруга по нереално ниски цени“,
рече Муцунски.
Во однос на обвинувањата за корупција и нетранспарентност во работењето на Општината, Муцунски рече дека граѓаните се свесни дека токму владејачката партија, која стои зад овие наводи, е симбол и школски пример за корупција.
„Сомнеж за коруптивно постапување ќе имаше доколку со овој Детален урбанистички план Општината предвидеше можност за продажба на земјиште на мојата сопруга по цена од 70 денари по квадратен метар за изградба на фотоволтаици по примерот на премиерот Димитар Ковачевски. Сомнеж за корупција ќе беше доколку во овој ДУП Општината предвидеше маркица за хотел со 5 пет ѕвездички за мојата мајка, како што тоа го направи – согласно информациите од медиумите, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев. Веројатно ‘транспарентност’ на начин како што го прави СДСМ ќе беше доколку документите ги криевме далеку од очите на јавноста, на начин како што СДСМ и ДУИ го кријат својот криминал. Да биде трагедијата уште поголема, тие бараат одговорност за документ чија изработка е иницирана во период кога со Општина Аеродром и со Советот во Општината раководат нивните кадри. Прстот на одговорност, не сакајќи или без да знаат, го вперија токму во кадри што доаѓаат од нивните редови“,
рече Муцунски.
СДСМ: Оправдувањата на Муцунски не држат
Од владејачката партија СДСМ побараа Државната комисија за спречување на корупцијата да го истражи овој случај до крај.
„Тимчо Муцунски, освен што ја бетонизира општината, сака со пет милиони евра општинска обврзница да ги задолжи граѓаните на Аеродром. Предупредивме и претходно, предупредуваме и денеска дека со ваков начин на задолжување, лесно може обврзницата да биде купена од големиот бизнис и од големи градежни компании кои потоа ќе влијаат врз работата на градоначалникот и Општината, особено во делот на креирање и носење урбанистички планови“,
рече денеска на прес-конференција Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Од СДСМ реагираа и на прес-конференцијата на Муцунски велејќи дека градоначалникот на Аеродром признал оти станува збор за парцели и измени на ДУП за нови згради во Лисиче, иако пред неколку дена тврдел дека ќе бидат само куќи.
„Ја разбираме манифестираната нервоза од страна на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ за случајот парцели во Лисиче. Но, нервозата на градоначалникот не е тема што ја интересира јавноста ниту граѓаните. Оправдувањата дека процесот е започнат во 2019 година воопшто не држат, денеска сме 2023 година, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ го имаат мнозинството во Советот и прашањето е што прави актуелната локална власт“,
пишува во реакцијата од СДСМ.
Случајот со постапката за носење на Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче се актуализира минатата недела кога „Призма“ објави дека на локација на која сега има куќи се испланирани девет нови згради. Три ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот „Србија“, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден автоплац за користени возила. Пет згради се нацртани покрај булеварот „12. Македонска бригада“, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу булеварите, ДУП предвидува најголема зграда од 12 нивоа.
Пет катастарски парцели, со вкупна површина од 1 181 квадратен метар и заведени, како ниви во имотните листови, од мај минатата година се сопствеништво на две лица. Тоа се Ивица Јаќимовски и Роберт Јакимовски, газди на компанијата „Голден арт“, која има потписи на десетина фасади во Скопје, претежно во Општина Аеродром, објави „Призма“.