„Со законските измени по потпишаниот договор за изградба на автопатишта, (Губи и Ковачевски) прифатиле промена на законот за експопријација, со тоа што би се вметнало иста вредност за обештетување да има за сите градби што би се рушеле, а се на трасата на автопатот. Иста вредност и за легално изградените објекти, оние што се градени со закон, со дозвола, со платени комуналии, давачки и данок, но и за дивоизградените објекти“, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес-конференција во партиското седиште
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со нови обвинувања кон власта во врска со измените на осуммте закони што се во собраниска процедура, а кои се поврзани со изведбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Како што истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, според предложените измени на Законот за експропријација иста ќе биде вредноста за обесштетување на сите градби што ќе треба да се рушат заради изведбата на проектот.

Ова значи, потенцираше Стоилковски, дека иста сума за обесштетување ќе биде исплатена и за законски изградените објекти – со дозвола, платени комуналии, данок и комуналии, но и за дивоизградените објекти.
За ваквата ситуација тој ги обвини првиот вицепремиер Артан Груби и премиерот Димитар Ковачевски, кои, како што рече исто ги вреднуваат законот и беззаконието.
„За Груби и резервниот премиер Ковачевски нема разлика меѓу законското и незаконското, исто тежат и законот и криминалот. Иста вредност имаат и легалното и нелегалното. Со законските измени по потпишаниот договор за изградба на автопатишта, прифатиле промена на законот за експопријација, со тоа што би се вметнало иста вредност за обештетување да има за сите градби што би се рушеле, а се на трасата на автопатот. Иста вредност и за легално изградените објекти, оние што се градени со закон, со дозвола, со платени комуналии, давачки и данок, но и за дивоизградените објекти“,
рече Стоилсковски на денешната прес-конференција во партиското седиште.
Артан Груби, кого Стоилковски го нарече „шеф на Ковачевски, како што истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, веќе обелодени дека речиси половина од земјиштето на трасата, односно 45 отсто од неа, минува низ приватни имоти.
„Ако веќе трасата е позната, а нема да се бара документ за легализација, тоа значи дека сега некој да почне да гради карабина, без никаква дозвола, утре ќе му биде платено како да ја минал цела процедура и да има платени давачки кон државата! Ова ќе биде се, само не закон и почитување на законот“,
рече Стоилковски.
Притоа тој нагласи дека ваквото законско решение во иднина ќе предизвика и ќе стимулира наплив на дивоградби на трасите на кои предвидено да минуваат автопатиштата.
„Вакво законско решение како што Груби и резервата Ковачевски прифатиле со договорот и сега туркаат законски измени е се само не право! Ова е изедначување на правото и неправото, изедначување на законот и беззаконието и тоа со измена на закон за експопријација. Притоа, голема е веројатноста истиот закон понатаму да се бара да биде усогласен со сите натамошни градежни зафати во државата, по принципот зошто да важи за едни, а да не важи за други? Ова би било целосно нарушување на планиран развој и креирање на генерални и детални урбанистички планови! Кријат штетен договор, менуваат закони со кои беззаконието се изедначува со владеење на закон! ДУИ и СДС со вакво решение прават целосно кршење на принципот на владеење на правото и на причината за постоење на закони“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека само избори се спасот од ваквата ситуација.
Инаку, пратениците од власта, кои се предлагачи на измените на Законот за експропријација потребата од нив ја оправдуваат со забрзување на изградбата на автопатиштата од коридорите 8-10-д.
„Имајќи предвид дека постапката за експропријација е процес кој може да трае долг временски период, со ова дополнување се овозможува за градби кои се од стратегиски интерес на државата да имаат понавремена и поефикасна реализација на проектите“,
објаснуваат пратениците предлагачи, кои доаѓаат од редовите на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.
Во анализата на „360 степени“, објавена неодамна, на пример се наведува дека со измените на конкрентиот закон ќе се овозможи во случаите во кои проектите се за инфраструктура од стратегиски интерес, да не се чека правосилност на одлука за експропријација, што ќе овозможи одредено земјиште уште по првостепената одлука да му се стави на располагање на конзорциумот „Бехтел и Енка“. За таа цел, во членот 33 од Законот за експропријација ќе се додаде став кој ќе гласи:
„За изградба на објекти односно инфраструктура од стратешки интерес, а за реализација на проект за капитални инвестиции од стратешко национално значење на Република Северна Македонија, на стратешкиот партнер ќе му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба истата да стане правосилна“,
Исто така, ќе се додаде уште еден член кој предвидува дека кога државата ќе експроприра објект во кој сопственикот живее или врши некоја дејност, на негово барање да му се плаќа надомест за закупнина во период од најмногу шест месеци и со можност за продолжување за уште шест месеци.
Истиот член предвидува доколку сопственикот бара државата да му плаќа закуп, ќе мора да го испразни објектот во рок од 30 дена.
Контроверзите со договорот меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум, како и предлог-измените на осум Закони поврзани со изградбата на дел до коридорите 8 и 10-д, кои се во собраниска процедура, продолжуваат да ја брануваат јавноста.
Станува збор за предлог-измени и дополнувања на Законите за работни односи; за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
Дел од пакетот измени беше и Законот за заштита на културното наследство, но по бурните реакции од јавноста и стручната фела измените на овој Закон беа повлечени.