Според извештаите, најмалку 97 луѓе загинале, а повеќе од 1 000 се ранети додека судирите се шират низ Судан, а светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека некои болници почнуваат да снемуваат критични резерви за лекување на повредените, наведува Гардијан
Шефовите на дипломатиите на САД и на Велика Британија денеска на состанокот на групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) во Јапонија денеска повикаа на итен прекин на насилството во Судан
Трет ден по ред продолжуваат да беснеат судирите во Судан, помеѓу армијата и паравоените сили на генералот Мохамед Хамдан Дагл (РСФ), јавуваат светките медиуми.
Според извештаите, најмалку 97 луѓе загинале, а повеќе од 1 000 се ранети додека судирите се шират низ Судан, а светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека некои болници почнуваат да снемуваат критични резерви за лекување на повредените, наведува Гардијан.
Меѓу загинатите, како што се наведува се и тројца хуманитарни работници на Обединетите нации (ОН).
Лекарите предупредија дека исклучително тешка е ситуацијата во болниците во Картум, а освен недостатокот на материјали медицинските работници се потешко доаѓаат и до ранетите.
„Неколку од деветте болници во Картум кои примаат повредени цивили останаа без крв, опрема за трансфузија, интравенски течности и други витални резерви“,
соопшти СЗО.
Двете страни вчера објавија дека го прифаќаат барањето на ОН за тричасовна „хуманитарна пауза“ за да се овозможи евакуација на повредените, но засега нема информации дали страните во конфликтот се придржуваат до договорениот прекин на огнот, пишува Би-би-си.
Претходно во неделата, очевидци и жители на Картум за новинската агенција Ројтерс изјавија дека армијата извршила воздушни напади врз касарните и базите на РСФ во регионот на градот и успеала да уништи поголем дел од објектите на паравоените сили.
„Преплашени сме, не спиевме 24 часа од вревата бидејќи куќата се тресеше. Загрижени сме дека ќе останеме без вода и храна и лекови за татко ми дијабетичар… Има толку многу лажни информации и сите лажат. Не знаеме кога ќе заврши ова, како ќе заврши“,
вели жителка на Картум.
Вашингтон и Лондон бараат итен прекин на огнот
Шефовите на дипломатиите на Соединетите Американски Држави и на Велика Британија денеска на состанокот на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) во Јапонија повикаа на итен прекин на насилството во Судан.
„Сите наши партнери силно веруваат во потребата од итен прекин на огнот и продолжување на преговорите. Луѓето во Судан сакаат војската да се врати во касарната, тие сакаат демократија, сакаат влада предводена од цивили. Судан треба да се врати на тој пат “,
изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен по средбата со британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.
Министерот за надворешни работи на Велика Британија рече дека враќањето на преговарачката маса е „крајниот посакуван исход“ во Судан, пишува Гардијан,
„Повикуваме на итен прекин на насилството и враќање на разговорите кои се чинеше дека одат во насока на цивилна влада. Тоа, се разбира, е крајниот посакуван исход“,
рече Клеверли, цитиран од британскиот весник.
Борбите што избувнаа во саботата меѓу воените единици лојални на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и Силите за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагал, беа први откако тие ги здружија силите за соборување на диктаторот Омар Хасан ал-Башир во 2019 година.
Откако беше соборен Омар ал Башир, Судан е управуван од Советот на генерали.
Силите за брза поддршка и суданската војска се натпреваруваат за моќ додека политичките фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година.
Насилството избувна на 15 април по неколкудневна тензија околу прашањето и патоказот како да бдие изведена транзицијата на земјата кон цивилно владеење. Една од главните пречки се плановите за интегрирање на РСФ која брои 100 000 војници во армијата и прашањето кој потоа ќе ги води новите сили.
Силите за брза поддршка (РСФ), составени од членови на милицијата Џанџавид, беа обвинети за злосторства за време на долгата војна што започна во 2003 година во Дарфур, западен Судан. Тие се обвинети и за вмешаност во задушувањето на бунтот против против Омар ал-Башир.
Војската соопшти дека нема да преговара со Силите за брза поддршка доколку тие не бидат распуштети.
Проценките велат дека конфронтацијата и продолжувањето на судирите може да го втурне Судан во поширок конфликт додека земјата се бори со економски колапс и племенско насилство.