„ВТЕ Васертехник“ е германска компанија која има многу слични проекти пред сè во државите во источниот дел на ЕУ, како Полска и Литванија, но имаат и претставништво и проекти и во Москва. Еден од поголемите проекти на компанијата е пречистителната станица во Будва која е пуштена во употреба во 2014 година

Фирмата „ВТЕ Васертехник“, со седиште во градот Есен во Германија, е избрана за изведувач на проектот на пречистителната станица на водите од Скопје. Во проектот, како локален изведувач Германците ја избрале фирмата „Жикол“, објави денеска ТВ Телма, повикувајќи се на свои извори.
Во прилогот на ТВ Телма се наведува дека фирмата „ВТЕ Васертехник“ на тендерот ја победиле турската фирма „Кузу груп“ и доставиле покомплетна понуда.
„Фирмите ‘ВТЕ Васертехник’ и ‘Жикол’ покрај поквалитетна понуда, имале и соодветна банкарска гаранција, додека Турците понудиле банкарска гаранција не од банка, туку од финансиска институција со седиште во Монако. Откако Народната банка одговорила дека не постои таква банка, на турската компанија ѝ било понудено да достави нова гаранција, но не биле во можност поради војната во Украина. На тој начин, Германците останале единствени во трката и го добиле тендерот“,
се наведува во прилогот.
Од телевизијата велат дека побарале одговор од директорот на „Водовод и канализација“, Драган Илиевски, но не одговорил на нивните повици.
„ВТЕ Васертехник“ е германска компанија која има многу слични проекти пред сè во државите во источниот дел на ЕУ, како Полска и Литванија, но имаат и претставништво и проекти и во Москва.
Еден од поголемите проекти на компанијата е пречистителната станица во Будва која е пуштена во употреба во 2014 година.
Дека договорот со фирмата е веќе потпишан пред два дена, објавија дел од медиумите, како и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Но, градоначалничката Данела Арсовска не објави, ниту, пак, закажа прес-конференција за да ги соопшти деталите од договорот за овој капитален проект за градот.
Проектот за пречистителната станица е вреден 200 милиони евра, од кои 136 милиони евра се кредит од Европската инвестициска банка, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската Унија.
Токму овој проект беше причина за разделувањето на градоначалничката Данела Арсовска од партијата ВМРО-ДПМНЕ, од која имаше поддршка на изборите и со чии гласови дојде до функцијата.
Со доаѓањето на функција на Арсовска, постапката за изградба на пречистителната станица, кој почна во декември 2019, беше закочена. Таа прво го разреши од функција директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека го фатила со „рачето во мед“ и тврдеше дека спречила криминал, иако европските партнери во проектот кажуваа дека нема никакви сомнежи во постапката. Следуваа разрешувања, освен на директорот, и на други функционери, а имаше и смени во комисијата која требаше да одлучи кој ќе ја гради пречистелната станица. Потоа, со месеци не сакаше да го направи изборот на фирмата за надзор и фирмата изведувач иако бодувањата беа направени и тие автоматски го покажуваат победникот на тендерот.
Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019 кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 година Скопје ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води.
Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во месноста Пласница, во областа Трубарево. Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540 000 жители.
ВЕСТИ ПОВРЗАНИ ВО ОВАА: