Реакцијата на Белчева следува откако деновиве завршила првата постапка по поднесено барање за дооформување на градежна парцела на местото на поранешната фабрика „Треска“, од сопственици кои поседуваат повеќе од 30 отсто од градежната парцела
За фабрика „Треска“ се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па и политичка волја за промена имаше до 2020 кога се прифати напуштање на решението од ДУП и се направи конкурс. Но, изгледа ништо не е помоќно од неколкумина моќници и спрегата со институциите кои целосно го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет, вели Јана Белчева-Андреевска, советничка во Општина Центар од редовите на „Шанса за Центар“.

Реакцијата на Белчева следува откако деновиве завршила првата постапка по поднесено барање за дооформување на градежна парцела на местото на поранешната фабрика „Треска“, од сопственици кои поседуваат повеќе од 30 отсто од градежната парцела.
Во изјава за порталот СДК, од Општина Центар велат дека согласно имотните листови на земјиштето, сопственици и баратели за откуп на државно земјиште заради дооформување на парцела се фирмите „Голден арт“ и „Мега и акустик“. Се додава дека овие фирми поседуваат над 90 отсто од вкупната површина на градежната парцела, што значи дека за нејзино дооформување им се потребни помалку од 10 проценти.
„Оваа власт во Општина Центар му пресуди на последниот поголем простор и си ја потврди својата улога на непријател на граѓаните. Тука секако помогнаа сите спреги, пожарот, маркетингот, неприфаќањето суспензии од МТВ, убиениот мораториум од Уставен суд, отворените и заборавени предмети во ОЈО и што ли уште не“,
додава Белчева во реакцијата на Фејсбук.