Сè додека продолжуваат со ваква политичка гимнастика, денеска ги замрзнуваат цените, а утре ги одмрзнуваат, ќе им се удира од глава, вели Мицкоски, а од СДСМ доби одговор дека тој е единствениот кој е против намалување на цените на производите

Замрзнувањето на цените е политичка гимнастика, еден ден замрзнуваат, друг ден одмрзнуваат цени. Мислеа дека ако дневно прават прес-конференции со замрзнување на цените ќе се борат против инфлацијата, но тоа не оди така. Тоа е антитеорија, антипракса и антиекономска мерка. Вака денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го оцени замрзнувањето на цените на одредени производи.
„Денеска ги замрзнуваат цените, а утре ги одмрзнуваат и сè додека продолжуваат со ваква политичка гимнастика ќе им се удира од глава. Потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство е повеќе од 43 000 денари, а имајќи ја предвид и инфлацијата се доаѓа до бројка од над 50 000 денари што е многу повеќе од две просечни плати“,
рече Мицкоски и додаде дека повеќе од половина милион луѓе во земјава живеат со 150 денари на ден.
Според него, еден ден замрзнуваат цени за два дена потоа под притисок на тие луѓе, кон кои, како што кажа, имаат концесија и како луѓе и како политичари повторно да имаат нова седница на Владата и да ги одмрзнат цените на истите производи.
„Затоа кога предлагаме предвремени избори мислиме токму на оваа работа. Не е тоа борба за власт, туку борба за подобар живот, односно да сопре процесот на стагнација и на криминал и пљачка и конечно Македонија да почне да се развива онака како што и доликува“,
посочи Мицкоски.
На оваа изјава на Мицксоки, веднаш стигна писмен одговор од СДСМ во кој се вели дека Христијан Мицкоски е единствениот кој е против намалување на цените на производите.
„Заслепен од луксузот во Белата палата, Христијан Мицкоски не сака семејствата месечно да заштедуваат пари со помалите сметки за пазарење. Тоа е истата криминална матрица на ВМРО-ДПМНЕ која сè уште опстојува во оваа партија. ВМРО-ДПМНЕ сака само да зема од џебот на граѓаните, сакаат народот да биде сиромашен, работниците да бидат евтина работна сила“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму додаваат дека Мицкоски е докажан непознавач и на политиката и на енергетиката, а потврдува и дека нема основно чувство за потребите на народот.
„СДСМ и Ковачевски се на страна на граѓаните. Ќе продолжиме да го штитиме стандардот на народот, да ги покачуваме платите и пензиите и да ги намалуваме цените“,
додаваат од СДСМ.