Со предлог-измените на овој закон пратениците од власта предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со претходна согласност на работникот
Во Собранието попладнево започна седницата на Комисијата за труд и социјална политика на чиј дневен ред е предложената измена на Законот за работни односи по скратена постапка. Законот е еден од осумте закони за кои пратениците од мнозинството предложија измени, а поврзани со изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-трускиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Претседателот на Комисијата, Елмин Азири, од редовите на Алијанса за Албанците (АА) ја отвори седницата и предложи да се изгласа дневниот ред, на кој како единствена точка е предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.
Пратениците од опозицијата остро реагираа на ова со образложение дека претседателот треба да земе предвид дали дневниот ред треба да има измени или дополнувања пред да се гласа и забележаа дека со седницата треба да претседава пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која е заменик-претседател на Комисијата.
Претходно денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, на прес-конференција најави дека пратениците од оваа партија ќе бараат да закаже седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, за да се избере нов претседател на Комисијата за труд и социјална политика зашто, како што рече, на чело на оваа комисија сè уште е претставник на Алијанса за Албанците – партија која од неодамна е дел од мнозинството.
Со предлогот за изменување и дополнување на Законот за работни односи пратениците од власта предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со претходна согласност на работникот. Истовремено, не се наведува колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часа дополнително може да работи еден работник.
Во гостување на ТВ Сител, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вчера изјави дека Владата се обврзала да ѝ плаќа огромни пенали на компанијата „Бехтел и Енка“ доколку работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот.