„Ова е шокантно и јавно кажувам дека по промената на власта и по формирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има одговорност. Јавно им кажувам и на Ковачевски и на Артан Груби дека ќе има одговорност. Ова се средства што ги плаќаат граѓаните
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ги прозва премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби дека ќе сносат одговорност за наводно преземената обврска на Владата да му плаќа пенали во милионски суми на изведувачот на автопатите од коридорите 8 и 10-д „Бехтел и Енка“ доколку не се донесат измените на Законот за работни односи за продолжување на работната недела од 40 на 60 часа.

Дека ваква обврска е дел од договорот со американско-турскиот конзорциум, вчера во гостување на ТВ Сител откри пратеникот во Собранието и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој, повикувајќи се на договорот, рече дека ќе се плаќаат пенали по три основи доколку времетраењето на работната недела не се смени во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот.
Во идентичен наратив денеска беше и одговорот на Мицкоски на новинарско прашање во врска со предлог-измените на Законот за работни односи кои заедно со измените на уште седум Закони се во собраниска процедура по скратена постапка.
„Од тоа што можев да го видам во договорот кој беше приложен во медиумите е дека доколку во рок од 45 дена од потпишувањето на тој договор не се смени законот за работни односи и не се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, тогаш Македонија треба да плати еднократен финансиски надомест, пенали од минимум 53 милиони евра“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Зрновци.
Мицкоски, повикувајќи се на одлуките на Уставниот суд во однос на времетраењето на работната недела, истакна дека ако се има предвид сето тоа, тогаш некој свесно презел обврски на штета на сите граѓани.
„Уставниот суд по ова прашање се изјаснил многупати во минатото, некој свесно знаел дека ова што се бара е невозможно и одлучил да го направи, односно да потпише договор кој свесно презема обврска од буџетот на Македонија, на сите граѓани да исплати би рекол стотици милиони евра пенали на компанијата која е изведувач“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Говорејќи во тој контекст, Мицкоски посочи можеби во конкретниот случај од власта мислеле дека преку партизираното обвинителството, каде што еден коалициски партнер си поставува обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција и со судијката Добрила Кацарска како претседателот на Уставниот суд кои под притисок ќе ги сменат претходните одлуки според кои зголемувањето на времетраењето на работната недела е спротивно на Уставот.
„Ова е шокантно и јавно кажувам дека по промената на власта и по формирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има одговорност. Јавно им кажувам и на Ковачевски и на Артан Груби дека ќе има одговорност. Ова се средства кои ги плаќаат граѓаните и тешко ги заработуваат. Граѓаните не ги заработуваат парите со тоа што местат државни тендери и земаат дебели провизии, туку крваво заработуваат по овие ниви што ги гледаме и се молат да добијат вода, за да може да извадат денар плус да ги прехранат своите семејства и да го платат данокот кој некој го краде. За ова ќе има сериозна одговорност“,
изјави Мицкоски.
Предлог-измените на законите кои се поврзани со изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д вчера го поминаа првиот собраниски филтер, односно со мнозинство гласови беше изгласана потребата од нивно донесување. Од денеска тие се на разгледување во матичните комисии, каде што пратениците членови на овие собраниски тела ќе можат да поднесуваат амандмани. Тоа веќе го најавија безмалку сите пратеници од опозицијата, но и пратеникот на ВМРО народна партија, Љупчо Балкоски, кој е дел од коалицијата „Можеме“ предводена од владејачкиот СДСМ.
Инаку, станува збор за законите за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д. Во пакетот Закони чии измени се предложени беше и Законот за заштита на културното наследство, но измените предвидени за него беа повлечени на вчерашната пленарна седница по бројните реакции и протестот на Македонското археолошко друштво и ИКОМОС.
Предлагачи на измените на законите по скратена постапка се пратеници од владејачкото мнозинство, односно од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.