Претходно денеска и пратеникот Љупчо Балкоски од коалицискиот партнер во власта, ВМРО народна партија, најави дека ќе поднесе амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите заради, како што рече, заштита на јавниот интерес, обезбедување еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големите градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина
Покрај коалицискиот партнер во власта, ВМРО народна партија, денеска и пратеници од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Ели Панова и Борислав Крмов, најавија дека ќе поднесат амандмани во врска со предложените законски измени кои се однесуваат на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Пратеничката Ели Панова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција кажа дека пратеници од оваа пратеничка група веќе поднеле два до три амандмани за предложените измени од Законот за работни односи, што, како што рече, е ставен на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална работа.

„Тимовите на ВМРО-ДПМНЕ во консултации со стручни лица ги разгледаа предложените законски измени и покрај краткиот рок и затоа реков дека ние пристапуваме кон носење, поднесување суштински амандмани со коишто би ги подобриле вака предложените закони, бидејќи дали сме за градење на капитални инвестиции, но законите што се носат во Собранието во никој случај не смеат да бидат во спротивност на Уставот“,
рече Панова.
Пратеничката нагласи и дека ВМРО-ДПМНЕ бара голема дебата во стручната јавност во однос на ваквите законски измени, зашто, како што рече, по притисок од јавноста власта повлече еден од предложените закони.
Во меѓувреме, на прес-конференција во Собранието и пратеникот од Левица, Борислав Крмов, најави дека оваа партија ќе поднесе амандмани по однос на предлог-законите поврзани изградбата на коридорите 8 и 10-д, но како што рече, засега не може да ја открие бројката на амандмани кои ќе бидат поднесени оти правните тимови се уште работат на нивна подготовка.

„По наши информации, ќе се обидат да ни ги узурпираат амандманите и да ја туркаат говорницата на сила, може ќе пробаат да ни одземат збор, иако деловнички не смеат. Јас моето уставно право како пратеник ќе го бранам макар и физички. Левица со два пратеника и со ограничени ресурси може олку. ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеника. Ако ВМРО-ДПМНЕ реши да не помине, нема да помине“,
рече Крмов.
Претходно денеска и пратеникот Љупчо Балкоски од коалицискиот партнер во власта, ВМРО народна партија, најави дека ќе поднесе амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите заради, како што рече, заштита на јавниот интерес, обезбедување на еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големите градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина.
Балкоски побара од Владата да го објави договорот со стратешкиот партнер за изградба на дел од коридорите 8 и 10-д „Бехтел и Енка“ и да објасни дали измените на законите кои во моментов се во собраниска процедура се содржани во договорот како обврска на Владата.