Од Сојузот на синдикати велат дека со замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи само симболично и незначително му се помогнало на едно семејство. Тоа, како што велат, го покажува потрошувачката кошничка која во делот храна и пијалаци, од февруари до март е намалена за само 100 денари
За да си ги обезбеди основните потреби, на едно четиричлено семејство во март годинава му биле потребни 50 070 денари, покажуваат податоците од синдикалната потрошувачка кошничка што ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметките на синдикатот, најголем дел, односно 19 263 денари, биле потребни за храна и пијалаци, а за подмирување на режиските трошоци, во просек биле потребни по 13 417 денари. За превоз биле потребни минимум 3 679 денари, а за хигиена едно просечно семејство во март годинава потрошило 3 186 денари.
Споредено со февруари годинава, кога минималната потрошувачка кошничка изнесуваше 50 909 денари, минатиот месец таа е намалена за 839 денари.
Од Сојузот на синдикати велат дека со замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи само симболично и незначително му се помогнало на едно семејство. Тоа, како што велат, го покажува потрошувачката кошничка која во делот храна и пијалаци, од февруари до март е намалена за само 100 денари.
„Па така, доколку во февруари оваа година само за храна и пијалаци на едно четиричлено семејно домаќинство му биле потребни 19 379 денари, во март му биле потребни 19 263 денари“,
велат од ССМ.
Од синдикатот посочуваат дека еден функционер, со својата нова плата која на ден му е зголемена за околу 2 000 денари, може да си дозволи две и пол синдикални минимални кошнички, а еден работник, како што велат, не може да покрие ниту половина од истата синдикална кошничка.
Претходно денеска и Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека, споредено со февруари годинава, граѓаните минатиот месец имале за 0,1 отсто намалени трошоци за живот, а за толку биле пониски и цените на производите на мало.