Според објавата во „Службен весник“, пишуваше РСЕ, Владата донела одлука за продажба на државно земјиште на компанијата „Сол груп 5“ по пат на непосредна спогодба за дооформување на градежна парцела за која фирмата веќе имала во сопственост 30 проценти. На местото, компанијата имала план да изгради фотоволтаична централа со енергетски капацитет од 1,8 мегавати
Чисто безобразие е, вели ВМРО-ДПМНЕ, што Владата ѝ доделила државно земјите за багатела цена од 70 денари за квадратен метар на фирмата каде што сопственички удел има сопругата на премиерот Димитар Ковачевски.
Од опозициската партија велат дека премиерот бараше да не му се споменува семејството, но тој упорно го вмешува во своите скандали и бизниси.
„За 70 денари граѓаните не можат килограм кромид да купат, а г-ѓата Ковачевска добила земјиште со потпис на Артан Груби. Демек ако потпишал Груби, наместо Ковачевски, нема да има никаков проблем Очигледно Ковачевски и Груби решиле да си чуваат грб во криминалите еден на друг. Прво Ковачевски го поддржа Груби за скандалот со тендерот за надзорот и имотите на луѓето блиски до Груби, а сега овој му се заблагодарува со можност сопругата на Ковачевски да добие 1 119 квадратни метри за само 1 273 евра. Во време кога владее невидена сиромаштија, кога компании ставаат клуч на врата, за само илјада и кусур евра жена му на Ковачевски добива можност за милионски бизнис. Ако мислат дека си ги кријат криминалите на овој начин, многу се лажат. И Груби и Ковачевски еден ден ќе одговараат за сите криминали и скандали“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дека фирмата „Сол груп 5“, во која сопственички удел има сопругата на премиерот, ќе добие државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен за изградба на планирана фотоволтаична централа, пред два дена објави „Радио слободна Европа“ (РСЕ).
Владината одлука е за продажба на 1 119 метри квадратни земјиште во радовишкото село Раклиш, а ја потпишал првиот вицепремиер Артан Груби на владината седница на 14 март годинава.
Според објавата во „Службен весник“, пишуваше РСЕ, Владата донела одлука за продажба на државно земјиште на компанијата „Сол груп 5“ по пат на непосредна спогодба за дооформување на градежна парцела за која фирмата веќе имала во сопственост 30 проценти. Оваа одлука стапила на сила на 21 март и треба да ја спроведе Општината Радовиш. Компанијата имала план да изгради фотоволтаична централа со енергетски капацитет од 1,8 мегавати.