Покрај Антикорупциската комисија, и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите објавени во медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10-д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) веќе доби дел од потребната документација за предметот што го отвори во однос на проектот за коридорите 8 и 10-д и ја очекуваме останатата документација, изјави денеска претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.
Таа нагласи дека на овој предмет ќе му дадат особено значење со цел, како што рече, вистината да излезе на виделина.
„Кај нас е отворен предмет, во фаза сме на прибирање на сите потребна документации, дел ги имаме добиено, останатите ги очекуваме. Поради специфичноста на предметот, овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултатите ќе ги соопштиме на јавна седница“,
изјави Ивановска одговарајќи на новинарско прашање за време на годишна конференција за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.
Покрај Антикорупциската комисија, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите објавени во медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,
изјавија од ОЈО ГОКК за „360 степени“.
Апели да се истражат наводите околу изборот за надзорот до Антикорупциската комисија и до Обвинителството изминатиот период упати премиерот Димитар Ковачевски.
Проектот беше официјализиран вчера на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово – Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарда евра. Преостанатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.
Како што објави „360 степени“ во понеделникот, во договорот за надзор на изградбата на делници од коридорите 8 и 10-д, тежок 22,3 милиони евра пишува дека „Електра солушнс“ има 32 перманентно вработени лица, од кои 27 перманентно вработени инженери. Но, според Централниот регистар, „Електра солушнс“ имала во просек само двајца вработени во годината кога го добила тендерот.
Од „Електра солушнс“ убедуваат дека навистина имале 32 вработени кога во конзорциум со италијанската „ИРД инженеринг“ се јавиле на тендерот, кој потоа и го добија за цена од 22,3 милиони евра. Од доставениот список до „360 степени“, сепак, може да се види дека најголем дел од експертите се ангажирани без огласување во „дополнително работно време над 40 часа“. Тоа значи дека станува збор за луѓе кои се редовно вработени во други компании.