Кога првиот вицепремиер го прашавме дали и маицата со која се појави на денешната свеченост му ја испечатила „Арбериа дизајн“, фирма чии комбиња беа видливи околу бината, Груби ни одговори: „Дајте, радувајте се, ве молам, радувајте се, се гради во државава, сите ќе имаат работа, ќе биде добро за цело општество, за сите граѓани, мислам дека маичката можам и да ви ја подарам“
Атмосферата наликуваше на подготовки за музички настан, а всушност се подготвуваше свеченост за означување почеток на изградба на автопат Тетово – Гостивар.
Протоколот налагаше новинарските екипи да дојдат на првата патарина кај Тетово еден час порано.
„На помпезни начини се организираат скоро сите настани во последно време, независно дали се работи за мали или поголеми проекти, како што е овој за коридорот 8. Од музиката не можеме добро да се слушнеме. На сличен начин се одржуваат и други настани само за да се пренесе поголема слика дека има некоја голема случка“,
смета новинарката Ферикан Илјази-Арифи.
На местото имаше силно полициско обезбедување, дури и од воздух. Дел од гостите на доаѓање беа претресени на овој пункт, што подоцна не беше пракса.
„Мислам дека тоа не е некој добар начин на одржување на настаните или прикажување на работата која треба да ја прикаже Владата. Можело и со многу помалку музика, со многу помалку пари, со многу помалку реклами да се одржи овој настан имајќи предвид дека е само почеток на работите на терен, а не нешто конкретно“,
вели Илјази-Арифи.
Првиот вицепремиер Артан Груби беше во елемент. Се појави во маица со знакот на коридорот 8. Дојдоа речиси сите министри на ДУИ на чело со партискиот лидер Али Ахмети. Груби се однесуваше како домаќин, пречекувајќи дел од присутните, како, на пример, премиерот Димитар Ковачевски.
Присуствуваа повеќемина амбасадори, но видливо беше отсуството на евроамбасадорот Дејвид Гир. Од Делегацијата на ЕУ велат дека имале свој претставник, иако во последниот извештај на Европската комисија за земјава се изразува загриженост што проектот е изземен од правилата за јавни набавки.
На бината што беше во форма на автопат, меѓу говорниците беа Ковачевски, Груби, американската амбасадорка Анџела Агелер, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, па дури и лидерот на новиот владин партнер – Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Иако имаше неколкумина што носеа елеци и шлемови со ознаки на американската и турската компанија што ќе градат – „Бехтел“ и „Енка“, а настанот беше најавен како поставување камен-темелник, такво нешто воопшто не се случи. Само беше откриена оваа табла на која пишува: „Поставување камен-темелник на проектот“.
Од возилата паркирани околу бината беше очигледно дека организацијата ѝ е доверена на „Арбериа дизајн“. Оваа компанија лани во август ја организира гламурозната прослава за годишнината од Рамковниот договор, која среде економска криза 80 илјади евра ја плати Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи Артан Груби.
360: Дали и маичката Ви ја направи „Арбериа дизајн“?
„Дајте, радувајте се, ве молам, радувајте се, се гради во државава, сите ќе имаат работа, ќе биде добро за цело општество, за сите граѓани, мислам дека маичката можам и да ви ја подарам“,
рече Артан Груби – прв вицепремиер во Владата на РС Македонија.
Наместо одговор, Груби навистина си ја соблече маицата.
„360 степени“ уште претпладнето официјално се обрати до Владата со прашања:
– Која компанија е приредувач на денешната свеченост за поставување камен-темелник за изградба на автопат Тетово – Гостивар?
– Кој државен орган е носител на јавната набавка, кога е распишана таа, кога е склучен договорот, за кои услуги и колку е неговата вредност?
До овој момент одговори не добивме.
На настанот не беше предвидена можност за поставување прашања од новинарите.
„Обратете се во Владата и во Јавното претпријатие, Министерството за економија е секогаш отворено и транспарентно, како и другите институции“,
вели Крешник Бектеши – министер за економија.
360: Зошто решивте да нема изјави и прашања?
„Па сè беше кажано“,
одговори Груби.
Додека траеше настанот, автопатот Тетово – Гостивар остана затворен за сообраќај.